Левица и ВМРО ДПМНЕ денес се направија сол на социјалните мрежи. Причината за тоа е што треба да стои во новите лични карти.

Прво, лидерот на Левица, Димитар Апасиев му порача на првиот човек на ВМРО ДПМНЕ, Христијан Мицкоски дека за да може да ги разбере овие работи треба да има политички сенс, а не од политички анонимус да стане лидер на партијата и тоа на наместен конгрес.

Ајде нека му објасни некој на професорот што магистрирал, докторирал и се вработил кај татко му на Машински, дека внесувањето етничка припадност во личните карти е дел од Тиранската платформа и завршна фаза од проектот за комплетна демакедонизација на Републиката, напиша Апасиев на неговиот профил на фејсбук.

Според Апасиев, изедначувањето на македонскиот народ, кој преку вооружена антифашистичка војна дошол до своја (а не туѓа) држава, со обична “етничка заедница” е чекор назад во стекнатите историски колективни права на Македонците. Тоа е чекор плус кон идна федерализација и поделба на државата, затоа што со тоа и се одзема државотворниот конститутивен статус на нашата нација и се сведува на една од многуте “заедници” кои живеат на оваа територија, вели Апасиев и додава:

Со тоа, Република Македонија, вели тој, престанува да биде национална држава на мнозинскиот македонски народ и на малцинствата, онака како што сакале нашите основачи на АСНОМ, и станува лабава творевина – (полу)протекторат, составена од неколку етникуми!?

Апасиев му порача на Мицкоски:

Ама, за да го сконташ ова, треба да гледаш подалеку од носот, да имаш политички сенс и правно-политолошко, теоретско и практично знаење, а не од обичен анонимус во енергетската политика, да бидеш подметнат од Грујо на наместен конгрес за “лидер”.

На ова на твитер реагираше пратеникот од ВМРО ДПМНЕ од Куманово, Бране Петрушевски кои ги нарече од Левица втори слуги на Заев после тие од Иницијативниот одбор за свикување Вонреден Конгрес на партијата.

Заев ги активира и своите втори слуги, покрај Иницијативниот одбор, сега и Левица е активна во спроведување на неговите антимакедонски политики, пишува Петрушевски и констатира:

Блокирањето на оваа поранешна пракса од страна на Левица изгледа како координиран став со понижувачката забрана за употреба на термините “Македонија” и “АСНОМ”. Затоа, блокирањето на овој закон му оди во прилог на Заев.

Според Петрушевски, за ВМРО-ДПМНЕ е прифатливо во личните карти да стои и етничката припадност Македонец, Албанец, Турчин, Србин, Ром, Влав, Бошњак, Хрват и друго, бидејќи тоа е лична определба, национално чувство и право на секој граѓанин, а било пракса и во минатото.