Првиот човек на Демократската унија за интеграција, Али Ахмети изјави дека ќе биде спроведен пописот закажан во април и дека нема никакви причини за негово одложување.

Али Ахмети ова го изјави по завршувањето на свечената академија по повод независноста на Косово. Според зборовите на Ахмети, предвремени парламентарни избори не се во интерес на државата.

Тој рече дека парламентарното мнозинство функционира нормално и дека не се разговара за владина реконструкција.

Од овие зборови на Ахмети се јасни две работи. Прво, нема да има владина криза, бидејќи ако има владина криза нема да има услови за спроведување на пописот во државата. И второ, Ахмети не ги третира како сериозни заканите на ВМРО ДПМНЕ дека тие ќе формираат ново владино мнозинство. Тоа мнозинство би значело одлагање на пописот, бидејќи ставот на лидерот на таа партија е дека треба да биде спроведен електронски попис во државата.

Но, на Мицкоски за 28 март му е најавено одржување на Вонреден Конгрес. Во сабота Иницијативниот одбор за одржување на тој Вонреден Конгрес во Музејот на ВМРО закажа промоција на конгресот и конгресните активности кои следуваат.

За да направи карма каша меѓу делегатите на конгресот, преку медиумот на својот коалиционен партнер, лидерството на опозицијата најавува дека веќе имаат обезбедено 61 глас за ново мнозинство.

Како што јавува Сител, раководството на ВМРО-ДПМНЕ тврди дека веќе обезбедиле поддршка од 61 пратеник но чекаат на уште четири пратеници пред да побараат гласање за доверба на Владата.

Според Сител, а тие се повикуваат на високи партиски извори, во ВМРО-ДПМНЕ се решиле на ваков чекор бидејќи се плашат дека власта може да врши притисок врз пратениците да се премислат и да не гласаат за ново владино мнозинство.

И така Мицкоски место да ја брани фотељата на најавениот Вонреден Конгрес реши да му ја земе премиерската фотеља на Заев. Но и да не му ја земе фотељата на Заев, барем до конгресот може да ги дрибла делегатите дека само што не формирал влада. И дека барањето за Вонреден Конгрес е дело на платениците на Заев кој сакаат да направат се само ВМРО ДПМНЕ да не формира влада.

Да делува шашаво како космодиск, но што друго им преостанува на екипата на Мицкоски!? Освен да се обидуваат по секоја цена и секој ден со се поголемо политичко ветување да покажат дека се битен фактор во државата и само што не влегле на голема врата во барокната зграда на Илинденска.

Од друга страна, од таканаречената мериот коалиција, преку членот на Иницијативниот одбор, Ивица Коневски му порачаа на Мицкоски да се појави на Вонредниот Конгрес.

Кај нас секогаш постои желба да најдеме заеднички јазик и Мицкоски да учестува на Конгресот, вели Коневски и додава:

Нашата цел е партијата да се обедини и од конгресот да излезе обединување на целото членство. Наша желба е Мицкоски да присуствува на конгресот. На Конгресот може да го смениме статутот и да дадеме можност целото членство да гласа за претседател на партија, вели Коневски.

Според Коневски, ако Мицкоски верува дека ја има довербата на членството, тој може се кандидира за претседател на напосредни избори на кои ќе гласа целото членство на партијата.

Ние сме подготвени за компромис, вели Коневски, но не сме спремни да дозволиме Мицкоски да ја води партијата на начин како што ја води до сега, недемократски и со јавно жигосување на сите оние кои бараат негова одговорност, додава Коневски.