Цените на лебот драстично се зголемија низ Европа во текот на изминатата година, покажуваат новите податоци, а порастот е особено голем по инвазијата на Русија на Украина.

Поскапувањето во август било во просек за 18 отсто во однос на истиот месец претходната година според Евростат, статистичката агенција на ЕУ.

Во август минатата година, просечните поскапувања на лебот во ЕУ беа само 3 % споредени со годината пред тоа.

Евростат вели дека цените на лебот се на највисоко ниво.

Унгарија е најтешко погодена – забележа огромен пораст од 65,5 % во текот на годината, додека Франција, позната по своите багети, забележа најбавен раст на цените.

Какво влијание има поскапувањето врз луѓето?

Европските домаќинства го чувствуваат притисокот од овие поскапувања. Според податоците на Федерацијата на пекари, трговската асоцијација што ја претставува индустријата за леб и пекарство во Обединетото Кралство, повеќето земји во ЕУ имаат просечна потрошувачка од 50 килограми леб по човек годишно.

Тешко е да се најде замена за лебот и другите производи од пченица, кои се столбови на исхраната на милиони Европејци, и зголемувањето на цените веќе има влијание.

Во Италија, каде просечната цена на лебот се зголеми за 13,5 отсто од август 2021 година до август 2022 година, а синдикатите на пекарите предупредија дека во блиска иднина може да порасне до 6 евра за килограм, податоците покажуваат дека во првите седум месеци од 2022 година, потрошувачите го намалија купувањето на прехранбени производи за 3,2 %. Но, поради инфлацијата, домаќинствата трошат повеќе пари за храна отколку порано.

Според податоците на Европската комисија, зголемената инфлација помеѓу јануари 2021 и јуни 2022 година ги зголемила трошоците на домаќинствата по глава на жител во просек за околу 160 евра месечно.

Како што цените на цените на храната продолжуваат да растат, Брисел е загрижен дека најмногу ќе страдаат домаќинствата со пониски примања, бидејќи ќе мора да трошат поголем дел од својот буџет на основни производи како што е лебот.

Во Македонија вакво екстремно поскапување на лебот не е забележано, бидејќи државата ја регулира цената на основната векна.