Повеќето родители ќе признаат дека децата се голема одговорност, но најчесто ќе кажат дека радоста што ја носат е поголема од предизвиците. Сепак, постојат жени кои искрено жалат што станале мајки. Тие никогаш не се пронашле во таа улога и, доколку би можеле повторно да одлучуваат, не би имале деца.
Мирјана
„Да можев да го вратам времето, немаше да имам деца“, вели Мирјана, која денес има околу педесет години.
Таа има три деца, од кои најмладото има 17 години. Поголемиот дел од времето била самохрана мајка, а токму тогаш целосно ја почувствувала тежината на реалноста.
„Имаше моменти кога не се чувствував доволно зрела да бидам одговорна за некого – за едно мало суштество кое зависеше од мене за својот живот“, вели таа.
„Имав чувство дека мојот живот се претворил во бескраен круг на хранење, пресоблекување и грижа. Не можев да разберам кога сето тоа треба да стане убаво и исполнувачко.
Сакав да викам дека мајчинството не е секогаш такво какво што го претставуваат. Ако навистина си личност што природно ужива во мајчинството, тогаш тоа е прекрасно. Но ако не си таква, тогаш имаш чувство дека си се заробила.“
Таа признава дека никогаш сериозно не размислувала колку децата ќе го променат нејзиниот живот.
„Да знаев како ќе изгледа мојот живот, немаше да имам деца.
Но се чувствувам виновна што го кажувам ова, затоа што неизмерно ги сакам своите деца.
Постојано мислиш дека не си била доволно добра мајка и таа вина никогаш не исчезнува. Се прашуваш дали и тие го чувствуваат тоа.
А животот не би требало целосно да се откажеш од себе и од својата слобода за другите да можат да живеат.“
Најтешко ѝ е што луѓето веднаш претпоставуваат дека е лоша личност.
„Посакувам жените што се чувствуваат исто да не бидат осудувани.
Се чувствував ужасно осамено. Мислев дека нешто не е во ред со мене. Да можев отворено да зборувам за тоа и некој да ме разбере, можеби полесно ќе се справував со мајчинството.“
Иванка
„Пред да станам мајка, замислував среќно семејство, куќа со двор и деца што трчаат на училиште – вистинска бајка“, вели Иванка.
Таа е посвоена и отсекогаш сонувала да има свое семејство. Но, кога го добила првиот син, сфатила дека мајчинството не ѝ доаѓа природно. По само шест месеци се вратила на работа.
„Земав слободни денови и го оставав на чување само за да имам ден за себе.
Не беше дека не сакав да бидам со него, туку едноставно не знаев како да поминувам време со него и не ми доаѓаа идеи за игра.“
Подоцна добиле и втор син. Денес и двајцата студираат.
„Да го знаев тогаш тоа што го знам денес, никогаш немаше да станам мајка.
Потребите на сите други секогаш беа пред моите. Последните дваесет години живеев според мислата: „Ако сите околу мене се среќни, тогаш и јас сум среќна.“
Можев да имам многу подобра кариера.
Ги сакам своите деца, но гледано наназад, бев премногу себична за да бидам мајка. Им замерував што ми го одземаа времето.“
Според неа, многу жени молчат затоа што се плашат од осуда.
„Не сакаат да бидат наречени себични. Ако кажеш дека не си сакала деца, веднаш те сметаат за лоша мајка.“
Магда
Магда ја добила својата ќерка пред дваесет години, но уште многу рано сфатила дека мајчинството не е за неа.
„Сите зборуваат за огромната љубов што ја почувствувале кога им се родило детето. Јас не почувствував ништо од тоа. За мене тоа беше само огромна одговорност.“
Таа признава дека првите години од животот на својата ќерка ги памети како многу тежок период.
„Секој ден беше борба. Претпоставувам дека сите мајки поминуваат низ тешкотии, но јас не можев да најдам ништо во што навистина уживав. Беше многу мрачен период.“
Магда смета дека едноставно ја нема природната мајчинска особина што ја имаат некои жени.
„Долго време се прашував дали другите мајки само се преправаат дека мајчинството е прекрасно и дали еден ден ќе ми признаат дека всушност не е така.
Имав чувство дека немам капацитет да бидам онаа топла, нежна и грижлива мајка што сите ја очекуваат.
Сакав да се вратам на работа и да ја продолжам кариерата што ја градев. Мајчинството ми изгледаше како огромен дополнителен товар.“
Нејзината ќерка Ирина, додека растела, честопати се сомневала во мајчината љубов бидејќи не добивала таков вид емоционална блискост каква што општеството ја очекува од една мајка.
Магда смета дека би било полесно доколку повеќе жени искрено зборуваат за своите чувства.
„Има многу повеќе жени што се чувствуваат вака отколку што признаваат.
Би било прекрасно жените да бидат целосно искрени кон себе. Ако навистина сакате деца и семејство – посветете му се со цело срце. Но ако длабоко во себе чувствувате дека тоа не е за вас, немојте да се плашите или да се срамите да кажете: „Не сакам да бидам мајка. Не сакам деца.““
Колку е ова честа појава?
Тешко е да се утврди колку жени навистина се чувствуваат вака, бидејќи малкумина отворено зборуваат за тоа.
Во европско истражување од 2016 година, околу 8% од 1.200 испитанички изјавиле дека жалат што станале родители.
Израелската социологинка Орна Донат во 2015 година објавила истражување во кое сите учеснички рекле дека жалат што имаат деца. Таа ова искуство го опишала како „неистраженото искуство на мајчинството“ и нагласила дека овие жени јасно прават разлика помеѓу жалењето за мајчинството и постпородилната депресија.
