Драги Фимков е 60 годишен човек кој доживеал многу разочарувања во животот. Иако, потекнува од село Ќоселери, сепак, последните 20 години живее во социјална барака во Свети Николе.

Не затоа што сакал да ја напушти земјата од татка си, туку затоа што тој станал татко на две деца со посебни потреби, па, со сопругата сметале дека подобри услови за социјализација и развој на децата ќе имаат ако се спуштат во градот.

Никогаш не се пожалил на Бога што имал таква среќа,но никако не може и да се помири со фактот што пред 10 години останува без работа и оттогаш наваму место тој да биде потпора на невините деца, семејството се прехранува од минималната плата на 30 годишниот Ѓорѓи.

Тоа им е единствениот приход дома, а, издатоците се огромни.Повеќе од 5000 даваат само за лекови. На сета несреќа и сопругата запаѓа во постела и Драги е врзан 24 часа дома. Не смее да ја остави ниту половина час сама зашто не е способна ни до тоалет да отиде сама.

Со три болни члена дома Драги нема никакаква основа за среќа. И, сите пари на светот да ги има тој утрешната среќа не може да ја купи. Зашто здравјето ниту со пари не може да се осигура. Го боли фактот што никој не прашал како е и како го минува денот и да има можност кнедлата во грло да ја преточи во солзи овој човек би плачел три дни и три ноќи без престан.Сепак, најмногу боли неизвесноста зашто не знае кому овие деца ќе ги остави со вакво нестабилно здравје и иднина.

Семејство е место каде животот почнува, а, љубовта никогаш не завршува.