Професор Милена Стевановиќ, директорката на Клиниката за инфективни болести во синоќешната емисија на ТВ Телма проговори и за се позачестениот број на пациенти кои го прележале корона вирусот, а сега се соочуваат со сериозни т.н. пост-ковид компликации кои ги остава болеста.

-Постковид компликациите и кај децата и кај возрасните ќе бидат се почести. Колегите од кардиологија забележуваат се поголем број пациенти со сериозни акутни срцеви проблеми и тоа не кај толку возрасни пациенти кои го прележале вирусот асимптоматски или со прилично лесна форма на болеста. Што ќе следува понатаму, не знае ниту светската медицина засега. Верувам дека ќе имаме сериозна потреба од следење на постковид пациенти, можеби не веднаш 20-30 дена по прележување на болеста, но по подолг временски период, по неколку месеци, па дури и години, истакна професорката Стевановиќ.

Таа појасни дека станува збор за компликации и тоа од неколку здравствени аспекти.

-Верувам дека ќе имаме многу психијатриски, невролошки, и кардиоваскуларни заболувања, да не зборувам за последици на белиот дроб, фибрози, тоа го гледаме и во текот на самото лекување самата болест кај пациенти кои се со многу тешка клиничка слика.

За жал, се уште не постои протокол како тоа ќе го организираме, како ќе ги следиме пациентите со постковид компликации, но ние и сега препорачуваме да се направи интернистички преглед по одредено време, откако еден пациент се изборил со корона вирусот, рече д-р. Стевановиќ/Faktor