Дека проблемот со пасошите и воопшто со обновувањето на личните документи во земјава е голем, веќе и е добро познато на јавноста, а познат е и фактот дека техничкиот министер и дополнителниот заменик министер во МВР знаат да дадат и спротивставени изјави на оваа тема.

Она што во последниов период се појави како проблем е фактот што, веројатно сакајќи да воведе ред во обновата на личните документи, Министерството за внатрешни работи направи и една своевидна неправда и дискриминација кон граѓаните.

Имено, голем број граѓани кои во редовното закажување на терминот за пасоши и воопшто други документи, имале добиено термин за мај, јуни, јули, па дури и август, сега се повикани да се сликаат многу порано, па тие веќе го завршија овој дел од постапката во февруари, или, добија термини многу бргу, односно веќе ќе можат да се сликаат во март.

Наспроти нив, многу граѓани кои од поодамна биле поревносни и навреме закажале редовен термин за сликање во април, не се повикуваат, туку се остава тие да се сликаат во редовниот термин.

Дел од овие граѓани кои успеале да воспостават контакт со кол центарот на МВР, прашале дали може и тие да добијат побрз термин за сликање, но им било речено дека тоа нема да се случи, бидејќи немаат добиено такви инструкции, односно насоки да ги презакажуваат термините кои се во април за некој побрз датум.

Што практично значи дека оние граѓани кои биле посовесни и понавреме се јавиле и закажале термин, сега на некој начин ќе бидат „казнети“ и ќе мораат да си го чекаат редовниот термин, наспроти оние кои се јавиле подоцна и добиле датуми во мај, јуни, јули или август.

Се обративме во МВР од каде побаравме унифициран одговор од тоа министерство, бидејќи, како што посочивме, граѓаните кои имаат мака не ги интересира дали таму има министер и дополнителен заменик од две различни партии, туку очекуваат од државата да биде барем праведна, кога веќе не им ја овозможи навреме оваа основна услуга, а на која се приморани не по нивна вина.

„Почитувани, го молам МВР што поскоро да ми одговори на прашањето зошто телефонски се викаат за сликање граѓани кои си имале редовен термин за мај, јуни, па дури и јули, а оние граѓани кои имаат закажано термин за април се уште не се повикани и се игнорираат. Дали е МВР свесно дека на овој начин се прави дрска и груба дискриминација и неправда кон граѓаните, бидејќи според сите етички норми, би требало да бидат викнати порано оние што имале обезбедено побрз датум за сликање“, а нашето прашање кое го упативме до ресорот за внатрешни работи.

Од МВР добивме брз одговор, но тој не го задоволи нашиот интерес каде е тука логиката и праведноста кон граѓаните.

Инаку, тој би можел да се парафразира дека софтверот е комплициран, па морало да се направи некаков пресек.

Одговорот од Министерството го пренесуваме во целост.

„Почитувани, Ве информираме дека со оглед на затекнатите состојби во изминатиот месец се презедоа и реализираа повеќе реорганизациски процеси речиси на сите нивоа на постапките за вадење на лични документи: почнувајќи од динамика за набавка на образци (вид, количина и сл.), подобрување на процес на закажување на термини, примање и одобрување на апликации, квантитативна динамика на изработка, и секако еден од нај сложените процеси – подготвување на личните документи за издавање и информирање на граѓаните.

Во тој смисол бидејќи беше евидентирана состојба на неадекватна терминска обработка и пробивање на временски рокови кои одеа во дијапазон и до дури 8 месеци, беше направен нужен пресек во овој сегмент во насока на приближување на временските рокови во интерес на граѓаните. Со оглед дека се работи за комплициран софтверски систем на работа беше неопходно да се изврши објективна проценка на капацитетите на техничката обработка од една страна, реалната потреба на граѓаните од друга страна и законски веќе нормираните одлуки како фактор што го започна целиот овој процес“, се вели во одговорот кој Фактор го доби од Министерството за внатрешни работи./Izvor Faktor