Паричните казни ќе се движат од 350 евра па сè до 8.000 евра, а во многу случаи ќе бидат проследени со одземање на возачката дозвола, регистарските таблички или, во случај на тешки несреќи, со доживотна казна затвор.

Од 13 септември во Грција стапува во сила новиот Кодекс за безбедност во сообраќајот, кој носи значително построги казни за возачите, вклучувајќи ги и странските туристи. Целта на новите одредби е намалување на бројот на сообраќајни несреќи, а предвидени се казни и до 8.000 евра.

За некои прекршоци се заканува и доживотен затвор

– Користење мобилен телефон за време на возење: казни од 350 до 4.000 евра и суспензија на возачката дозвола до 8 години. Во случај на тешка несреќа – затвор, па дури и доживотна казна.
– Неносење кацига или безбедносен појас: казни од 350 до 2.000 евра и одземање на возачката дозвола до 12 месеци. Казната важи и за возачот и за патниците.
– Возење под дејство на алкохол: 350 до 4.000 евра, одземање дозвола до 10 години и затвор до 5 години при висок процент на алкохол во крвта. Ако несреќата заврши со смртен исход – доживотен затвор.
– Прекорачување на брзината: до 2.000 евра и одземање дозвола до 1 година; во случај на несреќа – 8.000 евра и забрана за возење 4 години.
– Поминување на црвено светло или неправилно запирање: 350 до 4.000 евра и суспензија на дозволата до 8 години; во случај на несреќа – затвор или доживотен затвор.
– Возење без возачка дозвола: од 1.000 до 4.000 евра, одземање дозвола до 8 години и затвор до 2 години.
– Ометање железнички сообраќај или јавен превоз: казни до 4.000 евра, забрана за возење до 8 години и затвор до 20 години, а во случај на несреќа – доживотен затвор.
– Паркирање на места за лица со инвалидитет: од 150 до 2.000 евра и забрана за возење до 1 година.

Совети за туристите

Новите одредби важат и за странските возачи кои доаѓаат во Грција. Се препорачува строго почитување на сообраќајните правила, бидејќи казните не се симболични.

Што е забрането при користење на мобилен телефон во возило:

  • Држење телефон во рака за време на возење – забранети се разговори, пишување пораки, користење апликации или прегледување содржини.

  • Пишување или читање пораки (SMS, Viber, WhatsApp и сл.) е забрането.

  • Користење апликации (на пример, навигација) е дозволено само ако телефонот е во држач и се користи hands-free.

  • Разговори се дозволени само преку Bluetooth, звучник на автомобилот или слушалки кои оставаат двете раце слободни.

  • Дури и при стоење во колона или на семафор, важи забраната за држење телефон во рака.