Ова прашање се наметнува по владината одлука со која се прифати пакетот рестриктивни мерки насловен „Празнувај одговорно“ во која стои оти се забранува давање под наем на викендици за групно собирање и организирање на прослави освен за лица од едно исто семејство.
Се јавивме кај неколкумина што издаваат викенд куќи, побаравме сместување за шестмина, три парови за претстојните празници.
Министерот за здравство Венко Филипче, кој ја посети Детската клиника по повод донација од компанијата „Макстил“ за реновирање и опремување на Одделот за предвремено родени бебиња, вели дека не постои можност за контрола на приватен имот па додава пораката формулирана како забрана е празнувањето да остане во кругот на семејството.
Д-р Никола Пановски вели дека новите рестрикции се доста умерени како и оние пред нив, и апелира граѓаните да не се собираат за да не дојде до енормен раст на заболени, а со тоа и поголем број на изгубени животи.
Владата го прифати пакетот рестриктивни мерки насловени „празнувај одговорно“ кои вклучуваат кафеаните, кафулињата и баровите да не примаат гости по 18.00 часот. Меѓудругото, со мерките што ќе стапат на сила од овој петок, а ќе траат до 20 јануари, се забранува и организирање на прослави.
