Патувањата не се лимитирани, прославата доколку е одговорна, може да биде каде било.
Не е важно дали Нова година ќе славите дома или во вила во Берово, важно е да нема групирање, вели доктор Жарко Караџовски од Комисијата за заразени болести.
Тој рече дека состојбата е стабилизирана, но со широко распространета инфекција насекаде во државата.
„Патувањата не се лимитирани, прославата на Нова година, доколку е одговорна, може да биде каде било во државата. Доколку е одговорно прославувањето и почитувањето на мерките, во домашни услови, со луѓе што ги познавате и луѓе што и досега ги почитувале мерките за заштита. Не е добро да се групираат луѓе и целта на овие мерки е да се избегнат групирања на поголеми групи луѓе. Ние сме свесни за време на новогодишните празници, но и за верските прослави, како домашни слави, дека може да се соберат поголем број луѓе, дури и да се направи мини-свадба каде што луѓе се собираат со позитивна енергија да слават, а тоа може да прерасне во кластер“, вели Караџовски.
Апелираше сите функционери да покажат пример и одговорно однесување за прославите.
Министерот за здравство Венко Филипче денеска најавувајќи го стапувањето на сила на рестриктивните мерки од петок, до 20. јануари упати апел до граѓаните дека целта на оваа кампања „Празнувај одговорно“ е токму подигнување на свеста за да се спречи понатамошното ширење на корона вирусот и да не дојде до зголемување на бројот на новозаразени во јануари кога ќе поминат празниците.
Здравјето мора да се стави пред задоволството и профитот, истакна на денешната прес-конференција, премиерот Зоран Заев, нагласувајќи дека Владата денеска ги прифати препораките од Комисијата за заразни болести.
