Сместен е на самиот брег на Медитеранот, а поради белите фасади кои доминираат во панорамата често го нарекуваат Ел-Бахдја, бел град.
Алжир, земја со богата историја и очарувачки пејзажи, е вистински бисер на Северна Африка. Иако можеби не се наоѓа на вашата листа на туристички приоритети, по оваа репортажа би требало да размислите за посета на една од најфасцинантните држави на Магребот, регија на Црниот континент западно од Сахара. Особено импресивен е главниот град, вели познатиот патописец Роберт Дачешин, кој редовно ги воодушевува своите следбеници со интересни содржини.
Главниот град носи исто име како и државата – Алжир. Сместен е на самиот брег на Медитеранот, а поради белите фасади кои доминираат во панорамата, често го нарекуваат Ел-Бахдја, бел град. Градот е поделен на нов, модерен дел, и стар дел, каде се наоѓаат тврдина и верски објекти од 16 век, како и бројни згради од француското колонијално време.
„Со своите 2,5 милиони жители, овој град ви нуди можност да доживеете вистинска егзотика, богата историја, да запознаете срдачни луѓе и да вкусите едно вистинско патничко искуство по веројатно никогаш пониски цени“, открива патописецот Роберт Дачешин, кој минатото лето се јави од Алжир, совршена дестинација за сите кои бараат евтини места со многу содржини и без премногу туристи.
Така, на пример, таму можете да испиете едно од најевтините кафеи во светот – ќе ве чини околу 30 центи, а во исто време ќе уживате во погледот кон старата џамија.
„Иако Африка е континент кој најмалку сум го посетувал и досега сум бил во само десетина земји таму, би рекол дека главниот град Алжир е најдобриот град во кој сум бил.“
„Југоисточна Азија е синоним за евтини патувања, но мислам дека Алжир заедно со Иран е можеби најевтината дестинација што сум ја посетил во последно време. Почнувајќи од тоа дека ручекот ќе ве чини три до четири евра, кафе или чај ќе пиете за 0,30 евра, возење со такси десетина километри за два до три евра, а при тоа ќе влегувате бесплатно во речиси секоја атракција што градот ја нуди, а верувајте дека нуди многу.“
Иако оваа дестинација никогаш не му била на „bucket list“, Дачешин заклучува дека Алжир се пофалува со одличен сооднос цена–квалитет. Покрај главниот град, го посетил и градот Оран, вториот по големина пристанишен град во државата, кој го освоил со францускиот дух.
„Ако Алжир е земја во која многу се чувствува влијанието на Франција, од архитектурата, храната, па сè до јазикот, кој е дури доминантен пред официјалниот арапски, би рекол дека Оран е без сомнение ‘најфранцускиот’ град во земјата. Со прекарот ‘Париз на Африка’, ова е место каде француската архитектура се спојува со оријентален стил на многу убав и шармантен начин.“
Сепак, најдоброто, вели, е фактот што нема туристи и хаос како во најпопуларните светски дестинации.
„Не се сеќавам дека во последно време бил во земја која нуди толку историја, а речиси никој не ја посетува. За овие пет дена колку што бевме тука, не знам дали видов еден странски посетител. Затоа, ако размислувате за некоја егзотична дестинација која не е зафатена од масовниот туризам, Алжир може да биде одлична опција“, објави на социјалните мрежи Роберт Дачешин, чиј авантури можете да ги следите и на Јутјуб.
