Охридската туристичка компанија „Хотели Метропол“ во периодот јули-септември направи целосен пресврт во своето работење и успеа загубата од 250.000 евра на крај на јуни да ја претвори во профит од 260.000 евра на крајот на септември!

Најголемиот хотелиерска компанија на охридската ривиера ова лето изработи неспоредливо подобро во споредба со претходната година. Но поинтересно е тоа што за период од три месеци (јули-септември) приходите на „Хотели Метропол“ достигнаа 2,5 милиони евра. Во споредба со крајот на јуни година до крајот на септември сега Хотели Метропол од продажба на услуги за сместување и угостителство инкасирал приход од 1,65 милиони евра. А тоа е приход од 18.400 евра просечно дневно!

Најголемата хотелска компанија во својот состав ги има хотелите „Метропол“, „Белви“ и „Турист“ и тоа го прави најголем сместувачки капацитет на охридската ривиера. Приходот од првите девет месеци годинава е за 54 отсто поголем во однос на истиот период лани.

При тоа оперативните расходи се зголемени за само 29 отсто во однос на претходната година и изнесуваат 2,2 милиони евра. Ова е јасен показател дека во летните месеци хотелите имале значајно зголемен број на гости, а тоа овозможило солиден раст на приходите со релативно мало зголемување на вкупните оперативни трошоци.

Двете најголеми ставки во трошковната структура остануваат трошоците за суровини и други материјали (читај пред се енергенси н.з.) и трошоците за вработените. Кај суровините зголемувањето е за 67 отсто во однос на лани кога биле околу пола милион евра. Сега се 825.000 евра.

Трошоците за вработени достигнале 700.000 евра и се за 18 отсто повисоки од истиот период во претходната година.

Благодарение на тоа што сезоната сега била значајно поуспешна од лани „Хотели Метропол“ успеале да остварат добивка од 260.000 евра што е за 7 пати подобар резултат од истиот период претходната година./Фактор