Се што е направено со љубов, има успех! Кој не пробал не знае колку е убаво и вкусно „Традиционално домашно слатко – Од рацете на баба“.

Лејла Рајкова (39) години е жена земјоделец, сопруга и мајка на како што вели една прекрасна ќерка. Ова земјоделско семејство живее во најтоплиот град во нашата држава – Валандово.

Лејла по професија е дипломиран правник со правосуден испит и магистрант на Факултетот за безбедност во Скопје. Но, во исто време е земјоделец и ги прави највкусните слатки задоволства, слатко од многу овошја, и се што може да се замисли во една зимница.

Во последните години ова семејство обработува 20 декари земја и тоа под овоштарници со цреши, јапонска јаболка, смокви, најмногу калинки, а меѓу нив има и други овошки од кои го прави највкусно слатко во Валандовскиот регион. Рајкови имаат и лозови насади па прават домашен маџун, домашна ракија, мастика и ликери. Иако имаат полни раце работа, сепак имаат уште неколку декари слободна обработлива површина која планираат да ја посадат со нов насад под овошки.

За семејството на Лејла земјоделието и правењето на зимница е веќе семеен бизнис.

-Нашата домашна палета со производи е многу голема и постојано ја надополнуваме, создавајќи нови вкусови заедно со свекрвата Драга од каде што и почна целата наша приказна. Во нашата фамилија земјоделието е присутно отсекогаш. Традицијата на правење домашно слатко е дел од самите нас. Се знае секоја година се прават; слатко, компот, зимница, ајвар и тоа е еден вид традиција. Иако може да се каже дека таа традиција за жал се повеќе се напушта, вели Лејла во разговор за „Зелена берза“ и додава дека во Валандово се знае дека слаткото од зелена смоква и слаткото од зрела смоква се прави во секоја куќа.

-Ние сме познати во овој крај по смоквата, калинката и јапонското јаболко. И трите култури се органски не бараат прскање, вештачки ѓубрива, затоа и се многу здрави и барани. Идејата за правење домашни производи морам да признам дека беше на мојот сопруг Виктор, а ние сите од фамилијата го поддржавме во идејата и мислам дека не погрешивме. Меѓутоа идејата немаше да биде реализирана ако свекрвата го немаше знаењето и искуството во правење на домашни производи, ми ги покажа сите рецепти, начинот на приготвување. Со еден збор коцките сами се наместија, се роди идеја, имав од кого да го научам занаетот и така почна да се создава нашата приказна. Заедно со свекрвата на нашите трпези вративме многу подзаборавени традиционални слатка кои ги правеа нашите баби, раскажува со задоволство Лејла.

Во нејзините преработки и производи има вкусови кои не можете да ги најдете и колку и да ги барате по продавници. Тоа е слаткото од црница кое заедно со слаткото од цреша се првите производи што семејството на Лејла ги создаде. Тука е и слаткото од тиква со грозје без семка и ореви т.н „Речел“ кој е многу стар традиционален рецепт.

-Домашниот маџун исто така е по рецепт како што го правеле нашите баби, по чист природен процес. Од најубавото и најздравото овошје калинката создадовме чист цеден сок без шеќер и без вода, ликер од калинка, а исто така создадовме и слатко од калинка. Во моментот нашата палета на домашно слатко брои над дваесет и пет видови од слатко и повеќе од десет видови домашни ликери. Од сокови, тука е сокот од калинка и сокот од бозел со лимон кој оваа година го продадовме многу брзо. Нашите производи ги продаваме под името „Традиционално домашно слатко – Од рацете на баба“, вели Лејла.

За квалитетни производи не треба реклама. Производите на семејството на Лејла на пазарот се пробиваат со нивната оригиналност.

-Вкусот и приготвувањето на нашите домашни производи на печка на дрва се посебни и направени како за своја душа. Нашите производи се без хемикалии, вештачки бои и ароми. Се што е направено со љубов, искрено има успех. Коментарите кои ги добиваме од нашите клиенти морам да бидам искрена понекогаш ме тераат на солзи, но солзи радосници, затоа што некој ќе напише дека сме го вратиле во детството и сме го потсетиле на некои убави спомени. Најчесто ми пишуваат –„рацете да ви се позлатат, поубаво слатко немале пробано“. Тоа се позитивни коментари кои ни даваат поддршка и истрајност за понатаму, затоа што производството на домашно слатко не е многу лесно, секое слатко има работа, а некое пак има многу работа, целиот процес е рачен од сечкањето на овошјето, па се до полнењето на теглите, нема ништо машинско, затоа и вреди, порачува нашата Лејла.

Она што е најважно за нашата жена земјоделец е што на крајот на денот таа е задоволна и исполнета од сработеното.

-Јас сум мултикоплексна личност, мене се ме интересира, се сакам да научам и се уште учам. Животот носи различни предизвици, најважно е ние да се носиме со нив. Ништо не е тешко ако се сака. Се’ може да се научи во животот, најважно е да работите со љубов, искрено, внимателно и успехот сами ќе си дојдат. Лично сум задоволна што за овој краток временски период постигнавме многу, нашите производи беа презентирани и на манифестацијата „Органска трпеза“, а се надевам дека во иднина после Корона кризата ќе можеме слободно да се претставиме и на други манифестации. Јас секој пат кажувам дека доволно за егзистенција е како сам ќе одлучиш да живееш. Јас сум задоволна и се надевам дека во иднина побарувачката ќе ни се зголеми уште повеќе, вели Лејла, која има силна порака за сите жени од руралните средини.

Нема опис за фотографијата.

-Ние жените сме силни и не се откажуваме лесно. Ако се откажеме тоа значи дека уште во старт сме изгубиле, затоа им порачувам на сите жени од руралните средини да не се откажуваат од тоа што го работа, затоа што поскапувањето на храната, како и предвидувањата дека храната се повеќе ќе ја зголемува својата цена е важен фактор за тоа какво значење ќе имаат во иднина домашно направените производи. Ме радува фактот што оваа година тегла домашен ајвар достигна цена од 300-400 денари. Исхраната е многу важен фактор за здравјето на секој човек. Брзиот и нездрав живот ја наметна потребата луѓето малку да подзастанат и да подразмислат што е добро за самите нив, порачува таа.

Лејла досега не искористила ниту една мерка од програмата за рурална жена, но во моментот имам направено еден многу добар и интересен проект, кој се надева дека ќе биде одобрен и прифатен во некоја од програмите на МЗШВ и дека ќе го реализира.

-Во план сме да учествуваме и во Програмата за рурална жена и да го оствариме тоа што ни е замислено. Идеите се тука, па се надевам дека со некој грант ќе бидеме поткрепени и ќе го реализираме нашиот проект, верува таа.

Што се однесува пак до плановите за во иднина Лејла вели дека ќе се насочи во делот на рурален туризам.

-Ние сме народ со традиција, сигурно сите паметат дека порано кога некој ќе ви дојдеше на гости се пречекуваше со слатко, во секоја куќа имаше дома слатко, како народ имаме многу домашни рецепти уште од нашите баби кои се пренесуваат од колено на колено, а кои што многу вредат и се многу вкусни. Ние со нашата идеја сигурно ќе го оправдаме погоре кажаното и ќе се трудиме во иднина да создаваме нови домашни производи од кои нашите клиенти ќе бидат задоволни, порачува нашата Лејла од Валандово.