Премиерот Христијан Мицкоски соопшти дека во тек е широка акција поврзана со компаниите кои поседуваат дозволи за одгледување и преработка на канабис, при што досега се запленети околу 40 тони марихуана, масло како полупроизвод и биомаса. Според него, заплените се резултат на сомнежи за непочитување на законските одредби, што дополнително ќе се утврдува во судска постапка.

Тој најави дека акцијата продолжува и дека е можно вкупната количина на запленета стока да достигне и до 100 тони. Во наредниот период ќе бидат спроведени вонредни инспекциски контроли во сите компании што имаат лиценца за работа со канабис.

Мицкоски оцени дека постојното законско решение е квалитетно поставено, но дека проблематичен е правилникот кој бил донесен дополнително. Според него, уште од почеток било јасно дека одгледување и складирање на отворено не може да обезбеди производ што ги исполнува ГМП стандардите потребни за медицински извоз.

„Дали таквата пракса била намерна или резултат на други пропусти — тоа ќе го покаже истрагата“, изјави премиерот.