Судбините на многу родители Македонци, чии чеда се заминати на гурбет во туѓина се слични. Деновите им се исполнети со испреплетени чувства на тага и радост. Тага бидејки детето е далеку од нив, но и среќа поради нивниот успех да застанат на нозе.
„Честопати се присетувам на времето кога со една плата можеше да се оди на одмор, кога можевме да купиме мебел и пак да останат доволно пари за храна и сметки.
А сега, сега се живее многу тешко. Ова е крпен живот. Кога ќе се отвори една дупка, се молиме да ни стигне платата или пензијата до 15-ти, за да можеме да преживееме, да ги платиме сметките, а ако останат пари да се купи храна, ако не, пак ќе позајмуваш, и така во круг“, започнува приказната на оваа жена.
Овој вовед не е случајно напишан. Нејзините егзистенционални проблеми се поврзани со нејзиниот син, работник, кого мајката сака да го види среќен, но во Македонија со сегашните приходи тоа е невозможно.
Имам двајца синови. Едниот одамна се ожени и си отиде од дома, но другиот го родив во 40-тата година и тој е сеуште со мене. Јас сум пензионер со пензија која изнесува 8.000 денари, а тој е работник во приватна фирма со плата од нешто повеќе од 12.000 денари. Порано знаев да го прашам:
„Сине, имаш ли девојка, дали ќе дочекам да ви играм на свадба?“ Наместо одговор, само тажно ќе ме погледнеше и ќе се повлечеше во собата. Не можев да го разберам зошто така реагира и му се лутев. Мислев, еве ќе живее заедно со мене, а јас ќе им помагам колку што можам. Но, тоа беше мое мислење, а неговото беше потполно различно, а од него срцето ми се кинеше…
Пред некој ден го затекнав порасположен. Седнав до него, го фатив за рака и го прашав: „Сине мој, како си? Ми делуваш уморно и разочарано. Дали си среќен?“ Молчеше, а на крајот изусти: „Не, мамо, не сум среќен“, па продолжи: „Ме прашуваш дали имам девојка.
Не, мамо, немам. Се чувтвувам бедно и од самата помисла дека треба да ја доведам во нашиот дом каде што нема кујна, каде што креветите се стари, мебелот е стар, прозорите… Помислувам, која би сакала да се омажи за мене? Љубов? Само од неа не се живее, љубовта нема да ти даде пари за храна, облека, нема да ти ги плати сметките, само ќе внесе раздор и ќе те уништи.“
