Цените на нафтата повторно нагло скокнаа на светските пазари, достигнувајќи нивоа кои не се видени од 2022 година. Причина за ова е ескалацијата на воениот конфликт на Блискиот Исток, особено растечките тензии меѓу САД, Израел и Иран, кои сериозно го загрозуваат снабдувањето со енергенси.
Барел сурова нафта Брент, кој се смета за глобален репер, накратко достигна 119,50 долари, по што се стабилизираше на околу 112,98 долари. Американската West Texas Intermediate (WTI), исто така, се искачи до 119,48 долари, пред да се намали на 110,17 долари.
Само нешто повеќе од една недела по почетокот на американско-израелската воена операција против Иран, финансиските пазари веќе се подготвуваат за подолготраен конфликт. Аналитичарите предупредуваат дека надежите за брз крај на кризата се намалуваат, бидејќи двете страни го засилуваат темпото на нападите и ги прошируваат целите кон клучна инфраструктура.
Американскиот претседател Доналд Трамп на својата платформа Truth Social изјави дека краткорочното поскапување на нафтата е „мала цена за безбедноста и мирот во светот“, додавајќи дека цените би можеле да паднат по неутрализирањето на нуклеарната закана од Иран.
Страв од нов бран поскапувања
Порастот на цената на нафтата веќе предизвикува загриженост кај потрошувачите. Аналитичарот Патрик Де Хан од GasBuddy предупреди дека цената на бензинот во САД може повторно да достигне 4 долари за галон, а шансите за тоа во следниот месец се проценуваат на околу 80 проценти.
Истовремено, нестабилноста се прелеа и на финансиските пазари.
Фјучерсите на Dow Jones паднаа за повеќе од 1.000 поени, додека S&P 500 и Nasdaq бележат пад од над два проценти.
Зголемената неизвесност влијае и на движењето на другите средства. Приносот на американските 10-годишни државни обврзници се искачи на 4,198 проценти, поради очекувањата за повисока инфлација, додека американскиот долар зајакна во однос на еврото и јенот.
Ормутскиот теснец – најголемиот ризик за снабдувањето
Најголемата грижа на енергетските пазари е можноста за сериозни нарушувања во Ормутскиот теснец, клучен поморски коридор низ кој секојдневно се транспортираат околу 15 милиони барели нафта, што претставува приближно 20 проценти од светската трговија со нафта.
Поради ограничениот извоз, некои земји од Персискиот Залив веќе го намалуваат производството бидејќи складиштата се исполнети. Производството на Ирак, според извештаите, се намалило за околу 60 проценти.
Дополнителна загриженост предизвикуваат нападите врз постројките за десалинизација на морската вода во Бахреин и Иран. Во некои земји од регионот дури 90 проценти од водата за пиење доаѓа токму од вакви постројки.
Конфликтот се заканува да се прошири
Воените операции продолжуваат и на терен. САД и Израел нападнаа складиште за нафта во Техеран, додека иранските ракети и беспилотни летала гаѓаат енергетска и цивилна инфраструктура во регионот на Персискиот Залив.
Пентагон ја потврди смртта на уште еден американски војник, со што бројот на загинати достигна седум. Според извори за „Блумберг“, Вашингтон размислува и за операција на специјалните сили во Иран, со цел да се заплени ураниум кој би можел да се користи за нуклеарно оружје.
Постојат и стравувања дека во конфликтот би можеле да се вклучат и други држави. Земјите од Заливот наводно го предупредиле Техеран дека продолжените напади врз нивната инфраструктура може да доведат до директна воена акција.
Политичка неизвесност во Иран
Во меѓувреме, Иран објави дека Моџтаба Хамнеи, синот на ајатолахот Али Хамнеи, ќе стане нов врховен лидер по смртта на неговиот татко. Овој потег се толкува како знак дека тврдокорните струи во режимот ја преземаат контролата.
Американскиот претседател Трамп изјави дека таквото сценарио не го смета за прифатливо и дека САД сакаат лидер кој „ќе донесе хармонија и мир во Иран“.
Аналитичарите предупредуваат дека доколку конфликтот продолжи и се прошири, светските пазари би можеле да се соочат со сериозни енергетски и економски потреси во наредниот период.
