Министерството за внатрешни работи подготвува нова мобилна апликација преку која граѓаните ќе можат да имаат целосен увид во изречените сообраќајни казни и да ги плаќаат електронски, најави министерот Панче Тошковски.
Во гостување на телевизија Сител, Тошковски истакна дека проектот „Safe City“ не е насочен само кон евидентирање на сообраќајни прекршоци, туку и кон модернизација на услугите што МВР им ги нуди на граѓаните.
– Системот на камери, покрај регистрирањето сообраќајни прекршоци, може да се користи и како дополнителен доказен материјал при откривање други прекршоци и кривични дела, секако во рамки на законските надлежности на Министерството – нагласи Тошковски.
Тој појасни дека граѓаните ќе имаат повеќе можности за плаќање казни: преку банки, во која било полициска станица со платежна картичка, како и електронски преку мобилните апликации на банките.
Дополнително, МВР ќе развие и посебна мобилна апликација, преку која корисниците ќе можат:
-
да имаат увид во сите изречени казни,
-
да добиваат известувања по е-пошта и на мобилен телефон,
-
и директно да извршат плаќање.
– Апликацијата ќе биде соодветно заштитена и ќе користи автентикација, со цел точно утврдување на идентитетот на корисникот. Граѓаните ќе имаат целосен преглед на своите обврски на едно место – истакна министерот.
Тошковски најави дека оваа апликација во иднина ќе биде надградувана со дополнителни дигитални услуги од надлежност на МВР, со цел поедноставување и забрзување на административните постапки.
Како една од можните новини, тој ја посочи и опцијата за дигитално пријавување корупција и кривични дела, особено кога станува збор за злоупотреби од страна на носители на јавни функции.
– Современите технологии овозможуваат побрз, поефикасен и потранспарентен пристап до институциите. Нашата цел е граѓаните полесно да ги остваруваат своите права и обврски, без непотребни гужви и административни пречки – заклучи Тошковски.
