Темата на овогодинешниот собир беше „Духот на дијалогот“, во време кога геополитичката неизвесност и трговските тензии доминираат во глобалните разговори.
Секоја година во јануари, најмоќните луѓе во светот се собираат во Давос за да разговараат за најважните глобални прашања, но и да ги покажат своите вештини во јавната комуникација и политичкото влијание. Овогодинешниот Светски економски форум, одржан од 19 до 23 јануари, покажа кои лидери знаат да испратат силна порака, а кои овојпат останаа под очекувањата.
Меѓу говорниците и учесниците на панелите беа претседателот на САД Доналд Трамп, основачот на „Мајкрософт“ Бил Гејтс и извршниот директор на „Нвидија“, Џенсен Хуанг.
Темата на собирот – „Духот на дијалогот“ – беше особено актуелна во момент кога геополитичките тензии и трговските несигурности го обликуваат светскиот дневен ред.
Гренланд, царини и вештачка интелигенција во фокусот
Една од клучните теми беше упорноста на Трамп во намерата САД да преземат контрола над Гренланд, како и влијанието на вештачката интелигенција врз пазарот на трудот. Изјавите на светските лидери и директори беа пренесувани во живо, а потоа сумирани во кратки видеоклипови кои се споделуваа ширум светот, заедно со моментални реакции и критики.
Експертот за лидерство Рене Карајол, кој советувал раководители на компании од листите Fortune 500 и FTSE 100, како и бројни светски лидери, за CNBC анализираше кој годинава бил најефикасен говорник во Давос.
„Две клучни работи што секогаш ги нагласуваме се дека настапот е поважен од самата содржина и дека не е пресудно што зборувате, туку како го кажувате тоа. Луѓето треба да го запаметат настапот, а не зборовите“, истакна Карајол.
Макрон и Карни го украдоа шоуто
Според оценката на Карајол, претседателот на Франција, Емануел Макрон, и премиерот на Канада, Марк Карни, одржале „две вистински мајсторски лекции“ по јавен настап, лидерство и влијание.
Макрон во своето обраќање остро одговори на, како што рече, притисоците и заканите, откако Трамп повторно најави можни царини кон Европа, вклучително и високи давачки за француското вино. Тој предупреди на опасностите од свет „без правила“ и повика на зајакнување на меѓународната соработка во услови на нарушено меѓународно право.
Поради инфекција на окото, Макрон говореше со сини пилотски очила, што, според Карајол, му дало дополнителен визуелен ефект на настапот.
„Делуваше како суперхерој од Марвел. Исправен, самоуверен, зборуваше без задршка и ѝ даде на Европа чувство на сила и цврстина“, оцени Карајол.
Слична порака испрати и канадскиот премиер Марк Карни, нагласувајќи дека таканаречените средни сили мора да се здружат за да им се спротивстават на притисоците од најголемите светски економии.
Пораки без насмевка, но со тежина
Карни во Давос зборуваше за тоа како големите сили сè почесто ја користат економската интеграција како оружје – преку царини, финансиска инфраструктура и синџири на снабдување. Карајол го опиша неговиот настап како смирен, авторитативен и сериозен.
„Ниту еднаш не се насмевна. Со интонацијата и говорот на телото испраќаше порака на сериозност и решителност. Макрон ќе го паметите, а Карни ќе го почитувате“, рече Карајол.
Трамп овојпат под своето ниво
Иако важи за силен говорник, Трамп овојпат, според Карајол, одржал неповрзан и конфузен говор.
„Беше надвор од темата, импровизираше без јасна порака. Делуваше исцрпено“, оцени Карајол, додавајќи дека Трамп во конкурентна средина обично настапува многу подобро, што го покажа и за време на претседателската кампања во 2024 година.
Најдобрите лидери раскажуваат приказни
Професорот по менаџмент на Универзитетот во Тексас, Ендру Бродски, посочува дека комуникацијата на политичките лидери се разликува од настапите на директорите на големите компании, бидејќи политичарите не мора да внимаваат на цената на акциите.
„Светските лидери често користат силни емоции и предупредуваат на егзистенцијални закани, додека таков пристап кај технолошките директори би можел да ја наруши довербата на инвеститорите и вработените“, објаснува Бродски.
Како пример за добра комуникација го наведе извршниот директор на „Мајкрософт“, Саќа Надела, кој развојот на вештачката интелигенција го спореди со револуцијата што некогаш ја донесоа персоналните компјутери, користејќи едноставни метафори разбирливи за широка публика.
Сличен пристап имал и Џенсен Хуанг од „Нвидија“, кој, зборувајќи за влијанието на вештачката интелигенција врз вработувањето, раскажал приказна за радиолози и нови работни места што ги отворила AI, наместо да користи апстрактни статистики.
Бил Гејтс, според експертите, се издвоил и по начинот на кој за време на панелите одржувал контакт со очите со публиката, со што создавал впечаток на директно обраќање и активно вклучување на слушателите во разговорот.
