Д-р Сохом Дас е форензички психијатар од Лондон, кој воедно води и истоимен Јутјуб канал.
Тој споделува содржини за криминал, ментално здравје и психологија, меѓу другото.
Темите на неговите претходни видеа вклучуваат: зошто некои луѓе зборуваат само за себе, како да препознаете дали вашиот партнер ве мами или само ве лаже и зошто жените се посклони од мажите да „бинџуваат“ вистински криминалистички приказни.
Во кратко видео на неговиот Јутјуб канал, со наслов „Како можете да препознаете дали некој е психопат?“, д-р Дас зборува за некои посуптилни знаци, пренесува Дејли Мејл.
Д-р Дас го започнал видеото со зборовите:
„Како можете да препознаете дали некој е психопат? Па, за мене тоа е релативно лесно, бидејќи имам пациент кој е притворен според Законот за ментално здравје. Тој е во мојата болница, така што имам многу извори на информации.“
Потоа продолжил:
„Но поинтересно прашање е – како можете да препознаете психопат во реалниот свет?“
„Тоа е доста тешко“, објаснува психијатарот. „Затоа што психопатите, по своја природа, се прилично манипулативни и добри се во камуфлирање. Но постојат знаци кои ги издаваат.“
Два суптилни знака што ги издаваат психопатите
Првиот суптилен знак е тоа што се експлоататорски настроени и егоцентрични.
Според д-р Дас, вистински психопат ќе „се обиде да ве искористи за сè што може да добие од вас – било тоа да се пари, пријателство или секс“.
Тој додал: „И прилично се нарцисоидни, па сè се врти околу нив.“
Како втор знак, д-р Дас предложил да се погледне социјалниот круг на пријатели на таа личност.
„Психопатите, бидејќи ги користат луѓето, обично немаат длабоки пријателства. Тие имаат голем круг познаници, познаваат многу луѓе, но некако ги користат, па потоа ги отфрлаат,“ рекол тој.
Разликата меѓу психопат и социопат
Д-р Дас потоа се осврнал и на разликата меѓу психопат и социопат.
„Психопат е официјален медицински термин,“ објаснува тој. „Ако прашате 50 форензички психијатри, сите ќе ви дадат ист одговор.“
„Социопат е повеќе неформален термин. Различни луѓе мислат различни работи под тоа. Што се однесува до сличностите – и психопатите и социопатите манипулираат, им недостига емпатија, не се грижат за другите и им забодуваат нож во грб на луѓето.“
„Но, разликата е во тоа што социопатите помалку умеат да ги обуздаат своите емоции. Ако изнервирате психопат, тој ќе ви се одмазди подоцна – неговата одмазда е јадење што се служи ладно.
Во меѓувреме, социопатот не може да ги контролира своите чувства – ќе се издере, ќе ви покаже веднаш дека е лут. Дополнително, социопатите обично имаат понизок IQ и живеат на маргините на општеството, додека психопатите многу полесно се вклопуваат во секојдневниот живот.“
