Повеќе фабрики за месо и земјоделски стопанства во Германија се претворија во жаришта на коронавирус. Една од причините: катастрофални работни и сместувачки услови. Политиката најави промени и построги контроли.

„Во Германија нема да дојдам никогаш повеќе. Дури ни на одмор или во посета, за ништо на светов.” Мариана Костеа работела два месеца во едно земјоделско претпријатие во покраината Баварија. Не издржала подолго – неплатени прекувремени работни часови, нечисти заеднички сместувалишта, никакви мерки против коронавирус.

„Не прифатив да спиеме осум луѓе во една соба, осуммина да користат едно купатило, а триесетмина една кујна”, раскажува сезонската работничка од Романија во репортажата на Дојче веле – „Скандал со систем”. Во мини автобус со само осум седишта наутро биле превезувани до 14 или 15 лица на полињата, а навечер враќани во нивните сместувалишта. Заштитата од коронавирус во Германија изгледа поинаку, а таа би требало и морало да важи и за источноевропските сезонски работници.

Короната – лупа за одамна познатите неправилности

Мариана Костеа е една од многуте источноевропски работници кои во последните недели и месеци собраа храброст да проговорат за неиздржливите услови во германското стопанство – во месната индустрија, курирските служби, во негувателската бранша, на градилиштата или на земјоделските имоти. Услови кои, како што отворено признава сојузниот министер за труд, Хубертус Хајл, се познати со години: „Короната е еден вид лупа, ги прикажува видно работите кои и претходно не биле во ред“, изјави тој на една прес-конференција во Берлин.

За овие „работи“ зборува и Алекс Б. во репортажата на Дојче веле. Тој сака да остане анонимен, да не се препознае неговиот лик и глас, плашејќи се од репресалии. Две години работел кај најголемиот производител на месо во Германија, „Тениес”: „Ни крадеа работни часови. Наместо осум часа плус 45 минути пауза, работевме 10 до 13 часа дневно. На крајот си целосно исцрпен, и психички.”

Кога вели „тие”, мисли на подизведувачки и посреднички фирми кај кои се вработени најголем дел од источноевропските работници. И Романецот Алекс Б. не го склучил својот работен договор директно со германската фабрика за месо, туку со друга, екстерна фирма, која во кланицата презема дел од производството. Во неа работниците се вработуваат под поинакви услови, со „договор за дело”, а одговорноста за работните услови крајно ја носи посредничката фирма, а не производителот на месо.

Во кланиците – работа „на парче“ наместо редовни работни часови

За најголем дел од работниците ангажирани преку подизведувачка или посредничка фирма важи и поинаков начин на плаќање, не според бројот на работни часови, туку според обемот на извршената работа. А таа не може да се постигне за осум часа. Систем за експлоатација, вели Алекс Б. Оној кој протестира, брзо го отпуштаат, тука не важат германските правила за работа, раскажува тој.

Заштита од коронавирус речиси и немало, преку 1500 од околу 7.000 вработени во „Тенис” во Реда-Виденбрик на почетокот на јуни беа позитивни на тест за Ковид-19, целиот регион Гитерло беше ставен под карантин. Државното обвинителство сега води истрага против „Тениес” и редицата подизведувачки фирми поради прекршување на законот за инфективна заштита.

Подизведувачите – мрежа тешка за контролирање

Системот на подизведувачи и посредници, често сонародници на источноевропските работници, претставува непрегледна мрежа која е тешко да се контролира. Дали сепак не било можно, во социјална држава како Германија, редовно да се контролира каде се сместени работниците и под кои услови работат? Теоретски да, вели Мариус Хангану од проектот „Фер мобилност” во разговор за Дојче веле. Тој е по потекло Романец и по налог на Германскиот сојуз на синдикати им дава совети на овие „работници на дело” и сезонски работници од цела југоисточна Европа.

Одговорни за проверка на условите се германската царинска служба и здравствената служба, истакнува тој. Но, контролите не течат секогаш како што треба, на пример во Баварија: „Три посети на царинарниците беа претходно најавени. Интересно е како во ваква служба како царината можат да ‘протечат’ информации, значи дека постои некој кој дава информации.” И тоа не се случува со регионална царинска дирекција, туку на повисоко ниво, каде се собираат овие информации, вели Хангану.

Вестите за раст на бројот на случаи на коронавирус на земјоделските стопанства и во месните фабрики ја принудија политиката да дејствува. Од 1. јануари 2021. година ќе бидат забранети т.н. договори за дело, барем во месната индустрија. Тоа значи дека големите германски кланици веќе нема да можат да ангажираат туѓ персонал. Сојузниот министер за труд Хубертус Хајл достави соодветен предлог-закон, за кој треба да се одлучува во Бундестагот по летната пауза.

Зошто оваа мерка не е применета и во другите бранши каде владеат слични неправилности, министерот нема конкретен одговор: „Постојат други области, станува прашање за контролирање на заштитата на работно место. Таа ќе биде задолжително зголемена, за во загрозените сектори да можеме да користиме построги мерки”, одговори министерот на прашање на Дојче веле.

Короната како шанса?

Актуелен кластер на корона во Баварија повторно ја стави во фокус дискусијата околу недоволните заштитни мерки и контроли. Во земјоделско претпријатие во Маминг (кај Штраубинг) преку 170 од околу 500 сезонски работници се позитивни на тест за Ковид-19, целото претпријатие е ставено под карантин. Најголем дел од сезонските работници таму доаѓаат од Романија, дел потекнуваат од Бугарија, Унгарија и Украина.

Свесното непочитување на хигиенските концепти и правила е една од причините за масовната инфекција, изјави баварскиот премиер Маркус Зедер во понеделникот на прес-конференција. Како консеквенција, меѓу другото, тој инсистира на построги контроли „дење и ноќе” и тоа ненајавени. За прекршувања на важечките правила за хигиена казните би требало да се зголемат на 5.000 до 25.000 евра, најави Зедер. Не е исклучен карантин на целиот регион.

Короната го извади на виделина постојниот систем на човечки недостојни услови во Германија. Но, можеби е ова шанса за стотици илјади источноевропски работници, чии работни и сместувачки услови треба да се подобрат. Без короната, вели Алекс Б., сѐ ќе останеше по старо. Сега тој својата среќа ќе ја проба кај друго германско претпријатие за преработка на месо. Како постојано вработен. Нема да дозволи повторно да биде експлоатиран, вели тој.

(Detsche welle)