Како настанува резистентна хипертензија и како се лекува!

Високиот крвен притисок или хипертензија доведува до зголемен ризик од срцеви заболувања и мозочен удар. Промената на животните навики често е првата линија на одбрана против високиот крвен притисок, но ако тоа не помогне, обично следниот чекор е земање лекови. За жал, на некои луѓе на кои им е дијагностицирана хипертензија им е многу тешко да го намалат крвниот притисок покрај терапијата, а се проценува дека 20 до 30 проценти од пациентите развиваат она што лекарите го нарекуваат „резистентна хипертензија“.

Експертите од Johns Hopkins Medicine ја дефинираат резистентна хипертензија како крвен притисок кој ги надминува дозволените нивоа, дури и кога пациентите ја земаат максималната препорачана доза на лекови за оваа состојба. Се смета дека пациентите со резистентна хипертензија имаат многу поголема веројатност да добијат срцев удар, мозочен удар, како и откажување на бубрезите. Што ја предизвикува оваа опасна состојба и што можете да направите ако вашиот крвен притисок не реагира на лекови?

Возраста и дебелината го зголемуваат ризикот од резистентна хипертензија

За жал, еден од главните фактори што го зголемува ризикот од резистентна хипертензија е надвор од нашата контрола: тоа се години. Американското здружение за срце (АХА) вели дека иако постојат многу различни причини за резистентна хипертензија, возраста е „еден од најсилните фактори на ризик“ за оваа состојба. Дебелината е исто така чест виновник, а експертите од АХА велат дека „фреквенцијата на резистентна хипертензија веројатно ќе се зголемува како што населението старее и отежнува“.

Луѓето со хронични бубрежни заболувања, дијабетес и апнеја при спиење имаат и зголемен ризик од резистентна хипертензија, истакнуваат експертите од Клиниката во Кливленд. Исхраната богата со натриум, недостатокот на вежбање и високиот внес на алкохол се фактори кои го зголемуваат крвниот притисок и развојот на резистентна хипертензија.

Псевдорезистентна хипертензија

Ако крвниот притисок не падне на прифатливо ниво дури и со лекови, треба да се провери да не се работи за псевдорезистентна хипертензија. Како што сугерира неговото име, поентата овде е дека вредностите на крвниот притисок не се онакви какви што изгледаат. Тоа може да се случи поради повеќе причини, а една од најпознатите е „ефектот на бел мантил“.

Псевдорезистенцијата може да биде предизвикана и од несоодветни мерења, „вкочанети“ артерии кои ја спречуваат манжетната за крвниот притисок да ја врши својата работа, несоодветни лекови или земање суплементи или други лекови кои се мешаат со хипертензијата, вели Џон Хопкинс Медицин.

Сите стручњаци предупредуваат на најголемата опасност кај хипертензијата, а тоа е дека таа е обично асимптоматска и може да се забележи кога веќе нанела доволно штета на организмот и предизвикала тешки последици. Многу луѓе не сфаќаат дека имаат висок крвен притисок додека не доживеат срцев удар или мозочен удар. Главоболки, пулсирање во градите, вртоглавица и отежнато дишење се сигнал за можна хипертензивна криза која бара итна медицинска помош.

Промените во животниот стил се клучни

Експертите од клиниката Мајо велат дека студиите покажале дека диетата DASH (кратенка за Dietary Approaches to Stop Hypertension) може да го намали крвниот притисок за само две недели. Тоа е диета со ниска содржина на натриум која вклучува многу зеленчук, овошје и интегрални житарки и ги ограничува заситените масти како што се млечните производи со висока содржина на масти и одредени меса.

Корисно е и вежбањето, само 30 минути умерена аеробна активност дневно, пет дена во неделата, е препораката на АХА.

Ако сте под стрес, пробајте вежби како јога и медитација. Студијата од 2019 година објавена во списанието PLOS One покажа дека оваа физичка активност може да биде ефикасна за подобрување на крвниот притисок и дека најдобри резултати се забележани кај луѓе со понапредна и неконтролирана хипертензија.