За мене, најболно беше сознанието колку малку се познаваме како општества. За да го скршиме мразот ни треба и време, и дијалог, и трпение“, вели историчарот Драги Ѓоргиев.
Политички изјави не би сакал да коментирам, било да се од македонска или од бугарска страна, вели македонскиот историчар Драги Ѓоргиев, претседател на македонскиот тим во заедничката македонско-бугарска Комисија за историски и образовни прашања. Заради овој принцип, тој не се осврнува поединечно на ставовите изнесени од премиерот Заев во интервјуто за Бгнес. Но, она што во моментов ги отсликува состојбите, го смета за резултат на еден генерално погрешен пристап.
„Генерално, погрешен е пристапот историските прашања да се користат како политичка алатка. Историските контроверзи, недоразбирањата и историографските спорови треба да ги решаваат историчарите, а не политичарите. Комисијата треба да биде оставена да работи без мешање и притисок. Политиката треба да отвори простор за Комисијата, а не обратно“, вели Ѓоргиев.
За ДВ тој ги сподели моментите кои ги смета за најтешки во изминатиот период.
„За мене, најболно беше сознанието колку малку се познаваме како општества, а од друга страна очекувањата станаа големи. И затоа кога нема да се согласиме за некое прашање, тоа болно го доживуваме. Во Бугарија се разочараа, бидејќи се надеваа дека овде лесно ќе ја наметнат нивната перцепција и дека таа ќе биде прифатена.
Бугарското вето овде болно се доживеа, бидејќи се сметаше дека ќе преовладее блискоста. Тоа е резултат на фактот дека малку се познаваме. Ни треба време за да дискутираме, ако треба и да се караме, се разбира, на научно ниво, со цел подобро да се запознаеме, и за да не ги креваме очекувањата неосновано, туку да ги држиме на разумно ниво, на долг рок.
Така разочарувањата ќе бидат помали, а многу поголемо времето посветено на дијалог. За да го скршиме мразот ни треба и време, и дијалог и трпение“, потенцира Ѓоргиев.
