EES ќе го замени рачното печатење на пасошите на граница и ќе овозможи попрецизно следење на влезовите, излезите и евентуалните пречекорувања на дозволениот престој.

Новиот систем за проверка на влезот на државјани на трети земји во Шенген-зоната (EES) е сè поблизу. Ќе почне да функционира од средината на следниот месец, поточно од 12 октомври. Тоа значи дека од тој датум сите државјани кои патуваат во Хрватска, Грција или која било друга земја од Европската Унија што е во Шенген, ќе мора да ги почитуваат новите, построги правила за влез. Еве што точно значи тоа и како ќе влијае на патувањата на нашите граѓани.

Помали гужви, но…

EES ќе го замени рачното печатење на пасошите на граница и ќе овозможи попрецизно следење на влезовите, излезите и евентуалните пречекорувања на дозволениот престој. Системот се воведува со цел да се зголеми безбедноста, да се спречат нелегални престои и да се намалат гужвите на граничните премини.

Ова особено ќе им олесни на оние што патуваат кон Хрватска во летната сезона, бидејќи оваа година на преминот Батровци, при излез од Србија кон Хрватска, скоро секојдневно имаше повеќечасовни задржувања.

Познато е дека сите патници кои ќе ја минат границата првпат по воведувањето на системот ќе мора да дадат отпечатоци од прсти, а ќе биде зачувана и нивната фотографија.

Овие податоци потоа ќе се користат за сите наредни гранични проверки, што значи дека процедурата ќе мора да се изврши само еднаш.

Во пракса, тоа ќе значи дека патниците ќе треба да излезат од возилото на хрватската страна, каде ќе има камери и пунктови за скенирање на лице и земање биометриски податоци.

Што е EES и што треба да знаат патниците?

EES – Систем за влез/излез (Entry/Exit System) е нов електронски систем што ја воведува Европската Унија за да ја унапреди контролата на границите и да го следи движењето на државјани на трети земји кои влегуваат во Шенген-зоната.

Во контекст на EES, „државјанин на трета земја“ е патник што нема државјанство на ниту една земја членка на ЕУ, ниту на Исланд, Лихтенштајн, Норвешка или Швајцарија.

Овој систем е наменет за сите кои патуваат во Европа на краток престој и кои не се граѓани на наведените држави, вклучувајќи патници од , САД, Велика Британија, Канада, Австралија…

„Краток престој“ значи престој до 90 дена во било кој период од 180 дена, кој се пресметува заеднички за сите европски држави што го користат EES.


Во кои држави ќе важи EES?

Системот ќе се применува во 29 европски држави:

  • 25 членки на ЕУ (сите освен Кипар и Ирска): Австрија, Белгија, Бугарија, Хрватска, Чешка, Данска, Естонија, Финска, Франција, Германија, Грција, Унгарија, Италија, Латвија, Литванија, Луксембург, Малта, Холандија, Полска, Португалија, Романија, Словачка, Словенија, Шпанија и Шведска.

  • 4 земји надвор од ЕУ кои се дел од Шенген: Исланд, Лихтенштајн, Норвешка и Швајцарија.

Воведување на системот и апликацијата за внесување податоци

Александар Сеничиќ, директорот на ЈУТА, за „Блиц“ изјави дека системот ќе се воведува постепено, во зависност од тоа кои држави ќе бидат технички подготвени.

– Потребни им се, условно кажано, техничките уреди, односно скенери за отпечатоци и камери за снимање лице – појасни Сеничиќ.

Според него, апликацијата преку која патниците ќе ги внесуваат податоците сè уште не е активна, но наскоро треба да биде.

– Тогаш патниците ќе можат сами да ги внесат сите потребни податоци, освен биометриските. Иако се спомнуваше дека апликацијата ќе може да овозможи и земање биометриски податоци, тоа сè уште не е сигурно – рече тој.

Значи, обврска за патниците, вклучувајќи ги и оние што патуваат од 13 октомври, доколку апликацијата биде достапна, ќе биде да се регистрираат, да ги внесат сите неопходни податоци и најважно – да ги наведат планираните датуми на влез и излез од ЕУ, покрај личните податоци.

– Сето тоа се внесува во формулар, а на граница ќе се проверува. Доколку има отстапувања од најавеното, тоа ќе се бележи преку системот – изјави Сеничиќ.