Од денеска ќе биде облачно и студено со врнежи од дожд. Утринава студениот фронт веќе стигна, а склопот е циклон, кој ќе се движи над нашето подрачје понатаму на исток, поради што воздушниот притисок е значително под нормалата. Денеска студениот фронт ќе донесе силен и бурен северозападен ветер понекаде и над 70 км/ч.

Во Скопје денеска ќе дува засилен северозападен ветер кој во текот на денот ќе се засилува, а попладне се очекуваат и невреме.

Студениот фронт ќе донесе и забележително постудена воздушна маса, со дополнително опаѓање на температурата на воздухот, па утрото ќе биде најтоплиот дел од денот. Утринава температурите пред продорот на студениот фронт ќе достигнат од 10 до 11 степени, во Скопје осум, а на југоисток во остатокот од претпладневните часови се очекува да достигнат до 13 степени. Потоа во текот на денот температурата ќе опадне.

Денеска во поголемиот дел од државава се очекуваат врнежи од 10 до 20 милиметри на метар квадратен, а повеќе врнежи се очекуваат во западните, централните, а подоцна и во североисточните предели, а во тие предели локално би паѓале уште повеќе.

Во текот на денот врнежите од дожд ќе преминат во снег на сите планини, а се очекува да наврнат од 10 до 20 сантиметри снег. Со оглед на тоа што снегот ќе биде проследен со многу силен северен ветер, се очекуваат виулици и наноси, па на пат не треба да се оди без зимска опрема.

Кон крајот на денот врнежите од дожд ќе преминат во лапавица и влажен снег во пониските предели

Во текот на вечерните часови температурите ќе се движат од 0 до 4°С, а на планините од -10 до -2°С.

Во четврток ќе биде студено, со стабилизирање на времето, само претпладне и пред пладне на југ и исток со слаби врнежи.

Од петок се очекува сончево и потопло, претпладне со мраз, додека за време на викендот, особено во недела се очекуваат реални пролетни температури.