Полициските власти соопштија дека сообраќајот на автопатот повторно тргнал утрово во раните утрински часови.

Обилните снежни врнежи во Полска предизвикаа проблеми во сообраќајот, а на автопатот помеѓу Варшава и балтичкиот пристанишен град Гдањск, за време на ноќта, се формирала колона од возила долга дури 20 километри, соопшти полицијата.

Полицијата наведува дека сообраќајот на овој автопат повторно тргнал утрово во раните утрински часови, пренесува Ројтерс.

Тешката ситуација започнала вчера по 16 часот, кога првите камиони на рута S7 почнале да имаат проблеми со пристапот до падините. Тоа довело до сообраќајна гужва долга околу 20 километри преку ноќ, изјави Томаш Марковски, портпарол на полицијата.

Истакнувајќи дека стотици луѓе останале заглавени во своите автомобили на автопатот при температури под нулата.

Заменикот на полскиот министер за инфраструктура, Станислав Буковјец, рече на прес-конференција дека никој не е повреден поради лошите услови на патиштата.

Ана Карчевска, портпаролка на полицијата во Острода, рече дека полицајците се обиделе да им помогнат на возачите кои биле заглавени.

„Им помогнавме колку што можевме, а на возачите им понудивме кафе и топол чај, кои ни ги приготви Градското собрание на Острода“, рече таа.

Во Полска имаше и нарушувања во железничкиот и воздушниот сообраќај поради лошите временски услови, но од утрово услугите постепено се нормализираат, наведува агенцијата.