Православните верници утре го слават Свети Никола, слава која ја одбележуваат најмногу семејства. На овој ден не се работат никакви домашни работи, не треба да се чисти, усисува, пере…

Во народното паметење овој лик останал како заштитник на патниците, посебно на оние што патуваат по вода, но и по тоа што како за време на животот така и по смртта ги помагал сиромасите, ги заштитувал затворениците и неправедно осудените, ги откупувал робовите и ги пуштал на слобода. Именден празнуваат: Никола, Нино, Николина, Коле…

Во животот на нашиот човек посебно значајно место има свети Никола Мирликиски – Чудотворец, кого многу семејства го сметаат за свој домашен заштитник и со домашни служби и со многу обичаи го празнуваат неговиот спомен.

Иако повеќе се празнува денот на неговата упокојување 19/6 декември, (празник познат како зимски Св. Никола или Св. Никола – зимен), сепак внимание му се посветува и на денот на пренесувњето на моштите на св. Никола од Мир (во Ликија) во Бари (Италија) на 22/9 мај, (празник меѓу народот познат како летен Св. Никола, или Св. Никола – летен). Овој важен лик од христијанската религија е роден кон крајот на III век во гратчето Патара во малоазиската област Ликија.

Уште како дете се истакнувал со добро воспитание поради што станал омилен и пред Бога и пред луѓето. Неговиот чичко кој исто така се викал Николај и кој бил архиепископ патарски, согледвајќи ги позитивните карактеристики на младиот Николај ги наговорил родителите да му дозволат да се посвети на Бога и го произвел во чин презвитер. За време на ракоположението епископот исполнет со пророчки дих во еден момент покажувајќи на младиот Николај извикал: “Браќа, јас го гледам новото сонце што изгрева над земјата и ветува утеха на сите потиштени.

Блажено е стадото што ќе го има за пастир, зашто тој ќе ги приведе кон вистината заблудените овци, ќе ги пасе на пасиштето на благочестието и ќе биде помошник на сите страдалници”. Ова пророштво на стрикото Николај се исполнило, зашто младиот Николај подоцна навистина станал заштитник на сиромасите, но и помошник на сите што со верба му се обраќале.

Свети Никола за животот ги подучувал луѓето, лекувал, им помагал на сиромасите.. Многумина не знаат, но Свети Никола станал заштитеник на морнарите затоа што својот имот го користел за откуп на заробениците.

Постои верување дека на тој ден никој не треба да го потсетувате на долг, ниту додатно да му ја отежнувате положбата затоа што е должник.

Треба да се носат подароци за оние кои го слават Свети Никола. Меѓутоа и оние кои го слават празникот по некои обичаи на некои места во земјава своите гости не треба да ги пуштат со празни раце, туку мора да им дадат дарови пред да си одат дома.