Мајка, татко и син, кои беа под урнатините на зграда по земјотресот во Кахраманмарас, Турција, се спасени по 138 часа, јавува Анадолија.




Спасувачките тимови се тркаат со времето за да продолжат со потрагата и спасувањето во регионите погодени од земјотресот.




Спасувачите кои слушнале гласови од под урнатините на зградата ја засилиле акцијата и по неколку часа успеале да ги спасат таткото Џелал Ташан, неговата сопруга Јасемин и нивниот син Енсар.




Сите тројца по спасувањето биле пренесени во болница.
Насобраните со голем ентузијазам го прославија спасувањето на семејството, а многумина не можеа да ги задржат солзите радосници.




Најмалку 22.327 луѓе загинаа, а 80.278 се повредени во двата разорни земјотреси што во понеделникот ја погодија јужна Турција, изјави во саботата турскиот министер за здравство Фахретин Коџа.




Земјотресите со јачина од 7,7 и 7,6 степени, со епицентар во провинцијата Кахраманмарас, погодија повеќе од 13 милиони луѓе во десет провинции, вклучувајќи ги Хатај, Малатија, Газиантеп, Адана, Адијаман, Дијарбакир, Килис, Османије и Шанлиурфа.
Неколку земји во регионот, вклучувајќи ги Сирија и Либан, исто така ги почувствуваа силните земјотреси што ја погодија Турција.




Во соседна Сирија, бројот на загинати се зголеми на над 3.500, а повеќе од 5.200 луѓе се повредени, пренесува Хајат.
