По големиот пораст на бројките на заболени во нашата земја, особено вчера и денеска, се размислува за воведување на нови рестриктивни мерки, ова го истакна Министерот за здравство, Венко Филипче во Дневникот на Сител предмалку.
Тој најави дека на утрешниот состанок на Комисијата за заразни болести ќе се разговара за тоа дали има потреба од донесување на нови рестриктивни мерки, кои се поврзани со јавниот превоз, работното време на угостителите, потенцирајќи дека дел од мерките може да бидат само на подрачја каде што има енормно зголемување на бројот на заразени. Како што вели тој училиштата засега нема да се затвораат бидејќи таму бројките на новозаразени не се големи.
„На утрешниот состанок ќе дискутираме за тоа дали се потребни дополнителни рестрикции од оние кои што се сега во сила. Тоа би вклучувало рестрикција во јавниот превоз, ограничување на работата на угостителските објекти и одредени економски субјекти, компании. Секаде каде што сметаме дека е ризик. Дел од мерките може да се таргетирани во некои општини, некои може да важат на територијата на целата држава, рече Филипче.
Прашан за евентуално воведување на нов полициски час Филипче рече дека се уште е рано и тоа може да се дискутира утре.
„Еден од најдобрите параметри кои што ги следиме е капацитетот во болниците. Иако има слободни места, капацитетите забрзано се исполнуваат. Само во текот на вчерашниот ден имаше огромен број на приеми“, изјави Филипче во денешното гостување.
