Со векови Свети Трифун се слави како заштитник на лозарите и винарите, а правилото дека токму на овој ден, 14 февруари, се закројува лозата – строго се почитува, бидејќи се смета дека само тогаш закроената лоза дава богат род.
Се верува и дека Свети Трифун на својот празник забодува жарче во земјата и од тој ден снегот почнува да се топи. Според некои толкувања, со овој ден започнува пролетта, природата се буди, како и љубовта кај луѓето.
Во народот за Трифунден се врзани многубројни обичаи и верувања.
Ако на Свети Трифун врне дожд – ќе роди сливата. Ако на Трифунден падне снег – годината ќе биде дождлива и плодна, а ако времето е ведро – годината ќе биде сушна.
Снегот може и тогаш да изненади, но тоа се сметало за бериќетно, па се велело: „Затрупај Трифуне, заспиј Симеоне!“ – мислејќи на Св. Симеон Мироточиви. Веќе следниот ден е Сретение, кое според народното верување е ден на „средба“ меѓу зимата и пролетта, кога мечката накратко се буди за да провери дали доаѓаат потопли денови; ако процени дека зимата ќе потрае, повторно се враќа во своето засолниште и го продолжува зимскиот сон.
