Личниот лекар на Тито д-р Александар Матуновиќ е еден од лицата од неговиот круг кој се посомневал, а подоцна тврдел дека има докази дека Тито не е личноста што ја застапува.




Маршалот го лечел од 1975 до 1979 година, односно речиси до смрт, а една работа секогаш му паѓала во очи.
„Тито имаше мала акт ташна, ми се чини од змиска кожа. Секогаш ја носеше со себе. Содржината на чантата, покрај со клуч, беше обезбедена и со мал катанец. Во два наврати – влегувајќи во неговата соба, го најдов како претура по чантата. И двата пати беше свртен со грбот кон вратата и чантата му беше во скутот. Кога влегов внатре, тој брзо ја затвори чантата. Се однесуваше како човек фатен во недозволена работа. Од тоа знаев дека во неговата чанта има некои важни работи – изјави Матуновиќ.




Дури по смртта на Јосип Броз Тито на 4 мај 1980 година, докторот се сетил да провери што има во ташната:
– По неговата смрт ги прашав членовите на комисијата за уредување на оставнината на Тито што нашле во таа торба. Еден од членовите на комисијата Звонко Костиќ ми кажа дека покрај златен накит ја пронашле и умреницата на Зденка Пауновиќ од 1 мај 1945 година, извод од матична книга на венчани со Јованка Будисављевиќ, 1952 година, слика на Пелагија Белоусова. (Титова прва жена) – откри тој, но додаде дека тоа не е се …




„Постоеше и копија од извештајот на австроунгарското министерство за војна, од есента 1915 година, кој содржи список на австриски офицери, подофицери и војници кои загинале за време на битката кај Галиција., а на списокот го имаше и името на капларот Јосип Фрањо Броз. Тоа го потврдува сомнежот, односно мислењето дека Тито не е Јосип Фрањо Броз од Кумровец, туку дека зад тоа име се крие друго лице – заклучи Матуновиќ.




Која беше Даворјанка – Зденка Пауновиќ?
Даворјанка Пауновиќ Зденка важи за една од најголемите љубови на Јосип Броз Тито со која живеел во вонбрачна заедница пет години. Тие се запознале непосредно пред Втората светска војна, во која биле неразделни и заедно го дочекале ослободувањето.




Даворјанка е родена 1921 година во Кучево, а детството и раната младост ги поминала во Пожаревац. Таа пораснала сама, откако нејзината постара сестра Бранка починала од туберкулоза. Кога почнала да учи француски во Белград, поинтензивно се посветила на партијата.




Во првата година од студиите се запознала со младиот студент по медицина и студентски водач, Јово Капичиќ, тогаш познат комунист, кој се вљубил во неа. Заедно живееле година и пол, а за тоа време Пауновиќ станала офицер за врска меѓу Белград и Загреб.




Таа го запознала Јосип Броз Тито во 1941 година во хотелот Еспланада во Загреб. Отпрвин не го знаела неговото вистинско име, ниту дека е генерален секретар на Комунистичката партија на Југославија. Тито тогаш се претставил како инженер Славко Бабиќ. Неговата невенчана сопруга Херта Хас била во поодмината бременост, но пресудна била средбата со Пауновиќ. Даворјанка набрзо го дознала идентитетот на Тито, а тој и го дал тајното име Зденка Хорват.
