Дознајте како д-р Лалевиќ, личниот лекар на Тито, сведочел за тешките одлуки и последните денови на Маршалот во болница.
Пред неколку дена се одбележаа 46 години од смртта на Јосип Броз Тито. Неговото доживотно владеење беше исполнето со контроверзии, но и мистерии што го следеа до последниот ден.
Јосип Броз Тито последните 68 дена од животот ги поминал на респиратор. Д-р Предраг Лалевиќ, кој бил член на лекарскиот конзилиум на Тито, години подоцна се соочил со обвинувања дека „држел мртов човек на апарати“.
„Јас ги исклучив апаратите што го одржуваа во живот. Ни на шега не може да се каже дека јас сум го убил. Десет минути пред тоа веќе беше мртов. Немаше спас“, раскажал Лалевиќ за „Експрес“. Тој 16 години бил личен лекар на Тито.
Доживотниот претседател на СФРЈ се соочил со можност за ампутација на ногата.
„Штом стигнавме во Љубљана, веднаш отидовме во Клиничкиот центар и направивме снимки на артериите на левата нога, а потоа заминавме на Брдо кај Крањ. Бидејќи состојбата на артериите беше многу лоша, му предложивме операција, но тој одби. Тогаш ги повикавме на консултација професорите Дебејки од САД и Књазов од Москва. Дебејки предложи ампутација, а ако Тито не прифати, ни остави протеза за премостување на крвниот сад, но со многу мали шанси за успех. Бидејќи упорно одбиваше ампутација, се обидовме со таа протеза. Операцијата, како што и се очекуваше, не успеа, а тој и понатаму одбиваше ампутација. Дури кога ја виде потколеницата, која беше сина и со големи плускавци, рече: „Правете што треба“, раскажал докторот.
За операцијата расправал целиот државен врв, а шефот на тајните служби Стане Доланц му рекол на докторот:
„Знаеме дека ситуацијата е тешка, знаеме дека може да умре и пред да почне ампутацијата, но ви гарантирам дека нема човек кој ќе впери прст во вас.“
Доланц, додека Тито бил на респиратор, му ги упатил и овие зборови:
„На државниот врв не му е важен само секој ден, туку и секој час.“
„Операцијата помина без инциденти и Тито дури почна да прима посети на интензивна нега. Го посетија и синовите Жарко и Миша. Веќе размислувавме за заминување на Брдо кај Крањ кога почнаа компликациите. Најпрво со бубрезите, а потоа и други. Претседателот беше на респиратор цели 68 дена. Да се претпоставува колку би живеел ако веднаш му ја ампутиравме ногата би било чиста шпекулација. Темата за смртта никогаш не се споменуваше, освен кога одбивајќи ја операцијата рече: „Јас долу одам само во едно парче““, додал Лалевиќ.
Тито јадел храна наменета за астронаути од НАСА, а за неговата исхрана се грижел Јоже Осели, батлер и познат словенечки готвач.
„Тешко ни беше да гледаме како слабее. Тоа беше голема трагедија. Бевме со него до крај. Ни дозволија да го испратиме кога го носеа на патологија“, раскажал Осели, додавајќи дека било направено сè за Маршалот да преживее, но спас немало.
„Умре другарот Тито“, изговори спикерот Мирослав Лилиќ во загрепското студио на 4 мај 1980 година.
