Ќе успеат ли граѓаните да ја искористат помошта од 6 илјади денари ?! Роковите газат, а граѓаните се уште ги чекаат парите.

Според Законските рокови, листата со корисници на државна помош од 6.000 денари требаше да биде објавена денеска на веб страницата „Купувам домашно,“ но, неа се уште ја нема. Од Генералниот секретаријат за Канал 5 велат дека листата ќе биде објавена во среда, бидејќи надлежните институции се уште ги ажурираат податоците. Граѓаните во рок од три дена ќе можат да поднесат приговори, па дури потоа да биде објавена конечната листа..

Според ова, граѓаните и неделава нема да ги добијат парите на своите сметки. Иако на интернет страницата „Купувам домашно“ пишува дека рокот за искористување на средствата е 25ти декември, сепак неофицијално со парите ќе може да се пазари и по тој датум.

На веб страната сега единствено може да се проверат банките преку кои ќе се врши исплатата, односно распределбата на парите ќе оди преку сите 13 банки. Оние граѓани кои имаат блокирани сметки, банките се должни да им отворат нова наменска сметка. А, парите ќе може да се користат штом им легнат на трансакцијата.

Ова е една од мерките помош за граѓаните. Државата делеше и ваучери за туризам, кои можат да се искористат уште денеска.. Гостите кои биле на одмор со тие средства ќе треба да се одјават од сместувањето најдоцна утре. Од економија информираат дека од над 100 илјади поделени ваучери, а неискористени останале скоро 40 илјади.

„Веб страницата е функционална и пред истекот на законскиот рок од 10 дена од објавата во Службен весник на 07.12.2020, за објава на Листата на корисници од страна на Генералниот секретаријат, а се со цел да им излезе во пресрет на оние коишто се корисници на државната помош околу информирање за мерката. Процесот на ажурирање опфаќа обработка на податоци од надлежните институции кои имаат законски рокови и затоа повремено стои објавата „податоците се ажурираат.“