Трамп и неговиот тим задржуваат агресивен став, продолжувајќи да го игнорираат суверенитетот на Гренланд и барајќи тој „да стане дел од САД за доброто на светскиот мир“.
Додека американскиот претседател Доналд Трамп на сите можни начини се обидува да се домогне на островот Гренланд, кој ѝ припаѓа на Данска, граѓаните на оваа скандинавска земја пронајдоа начин како духовито да му „возвратат“.
За време на викендот, Трамп отиде чекор понатаму и се закани дека ќе воведе царини од десет проценти за Данска, Обединетото Кралство и уште неколку европски земји, кои минатата недела испратија војници на Гренланд како знак на солидарност поради американските закани.
Трамп и неговиот тим задржуваат агресивен тон, продолжувајќи да го игнорираат суверенитетот на Гренланд и барајќи тој „да стане дел од САД за доброто на светскиот мир“.
Сепак, оваа идеја на Трамп се покажа како многу непопуларна, и во самите САД и во странство, а Данците сега решија да возвратат со истата мера.
Петицијата ја потпишаа 280.000 Данци
Петицијата што претходно ја покрена групата „Данскафикација“ бара Данска „да игра со САД на нивен начин“. Тие предлагаат земјата да ја сврти ситуацијата во своја корист и да понуди купување на американската сојузна држава Калифорнија, прогласувајќи ја за своја територија.
Авторите на петицијата ја избрале Калифорнија како „цел“, тврдејќи дека на Данска ѝ се потребни повеќе сонце и палми.
Сатиричната петиција доживеа голем успех меѓу граѓаните, а досега ја потпишале повеќе од 280.000 Данци.
„Дали некогаш сте погледнале карта и сте си помислиле… знаете што ѝ треба на Данска? Повеќе сонце и палми. Е па, сега имаме единствена можност тој сон да го оствариме. Ајде да ја купиме Калифорнија од Доналд Трамп!“, стои во описот на петицијата.
Користејќи ги неговите сопствени зборови против него, организацијата „Данскафикација“ наведува дека претседателот Трамп не е голем обожавател на Калифорнија и дека се подготвени да ја „засладат“ понудата, нудејќи му доживотна залиха на дански пецива. Трамп, како бизнисмен кој умее да препознае добра зделка, би можел да биде во искушение.
„Да бидеме искрени, Трамп и не е некој голем љубител на Калифорнија. Ја нарече најголема пропаст во целата унија и со години е во конфликт со лидерите на таа сојузна држава. Прилично сме сигурни дека би бил подготвен да се откаже од неа за вистинската цена“, се наведува во описот.
Тие потоа се осврнуваат и на тоа што би можело да се случи доколку жителите на Калифорнија не се согласат со ваквата идеја.
„Да бидеме реални – кога волјата на народот некогаш го спречила? Ако Трамп сака да ја продаде Калифорнија, тој ќе ја продаде Калифорнија“, стои во описот.
Зошто токму Калифорнија?
Во образложението на петицијата, членовите на движењето „Данскафикација“ на сатиричен начин објаснуваат зошто токму Калифорнија е нивниот избор меѓу сите сојузни држави.
Калифорнија сè почесто се споменува како симбол на современиот сон – сонце, технологија и авокадо. Додека северот на Европа и понатаму ја негува својата магла и гумени чизми, „Златната држава“ има повеќе од 300 сончеви денови годишно и животен стил во кој влечките речиси се официјална обувка. За многумина, тоа не е само климатска предност, туку и животна филозофија.
Освен времето, тука е и технолошката моќ. Силиконската Долина останува глобален центар на иновации, со концентрација на експерти каква што, како што иронично наведуваат, „секоја демократија би ја посакала“. Ако се додаде и фактот дека Калифорнија произведува дури 90 проценти од авокадото во САД, јасно е дека тостот со авокадо не е тренд, туку институција.
На крајот, тука се и симболите на „меката моќ“ – од наративите за „заштита на слободниот свет“ до Дизниленд, кој во некоја алтернативна визија би можел да биде преименуван во „Ханс Кристијан Андерсенленд“, со Мики Маус со викиншки шлем на главата. На страна шегата, Калифорнија останува место каде што митот, маркетингот и реалноста постојано се преплетуваат.
