Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски предупредува дека новите правила за влез во земјите од Шенген зоната за професионалните возачи претставуваат сериозна закана за македонската, но и за регионалната економија.

Во интервју за Радио Лидер, Николоски истакна дека Владата повеќе од една година алармира за проблемите со транспортерите и воведувањето на електронската евиденција во ЕУ, но без конкретен одговор од европските институции.

„Се работи за огромен економски проблем кој може целосно да ја колабира македонската и регионалната економија. Иако имав жестока размена на аргументи со надлежните институции во ЕУ, директно во Брисел, за жал не наидов на разбирање“, изјави Николоски.

Тој нагласи дека последиците од новите правила нема да ги почувствува само транспортниот сектор, туку и сите извозно ориентирани компании во регионот.

Протести на граничните премини

Според најавите, од понеделник ќе започнат седумдневни протести и блокади на граничните премини кон земјите од Шенген зоната, во кои ќе учествуваат превозници од Македонија, Косово, Србија, Црна Гора и Босна и Херцеговина.

„Нашите економии се мали и доминантно ориентирани кон извоз. Ако компаниите не можат да извезуваат, запира целата економска активност. Дополнително, ако трошоците за превоз се зголемат за 3 до 5 проценти, домашните производи стануваат неконкурентни на европскиот пазар“, предупреди Николоски.

Тој посочи дека посебно погодени ќе бидат компаниите кои работат во Технолошко-индустриските развојни зони, кои обезбедуваат најголем дел од вработеноста и девизниот прилив во државата.

ЕУ без слух за проблемот

И покрај континуираните разговори со претставници на Европската унија, засега нема најави за одложување или корекција на новите правила.

„Овие радикални мерки и протести се единствениот начин да се привлече внимание. Владата има целосно разбирање за македонските транспортери, ги поддржува нивните барања и смета дека проблемот мора да се реши – или со одложување на електронскиот систем за професионалните возачи, или со воведување посебен режим на работни визи“, рече Николоски.

Според него, Европската унија не ја согледува сериозноста на последиците за земјите од Западен Балкан.

„Станува збор за класична бирократија, игнорирање и недоволна посветеност на реален проблем“, додаде тој.

Ризик од заминување на компании

Николоски предупреди дека зголемувањето на трошоците за транспорт може да доведе до заминување на компании од Македонија.

„Ако македонска компанија што извезува во Германија мора да ангажира германски превозник, трошокот се зголемува за 3 до 5 проценти. Тоа ги прави производите неконкурентни. Една компанија со која разговарав најавува загуби од 1,5 милиони евра неделно“, истакна тој.

Дополнително, новите услови ќе го намалат за околу 50 проценти времето кое возачите ќе можат да го поминуваат во рамки на ЕУ, што, како што рече, целосно го прави транспортниот бизнис неисплатлив.