Археолозите најдоа мумија со златен јазик стара околу 2.000 години, при вршење ископувања во областа на археолошкиот локалитет Тапосирис Магна.

Го пронајде тим предводен од археологот Катлин Мартинес од Доминиканска Република која се прослави со потрагата по изгубениот гроб на Клеопатра – последната кралица на древен Египет.

Мартинес, која првично работела како адвокат, смета дека Клеопатра, која важела за претставничка на божицата Изида, најверојатно решила нејзините останки да бидат погребани во храмот посветен на таа божица, а не на друго место. Затоа Мартинес направила мапа на потенцијални гробници на славната кралица и запишала 21 локалитет поврзан со легендата за Изида и Озирис.

Во потрага по Клеопaтра
Откако исклучи голем број храмови, таа одлучи да почне со ископувања во областа на храмот Тапосирис Магна (големата куќа на Озирис) бидејќи тој исполнуваше неколку критериуми за да се мисли дека е последното почивалиште на Клеопатра. Имено, во самиот град имало неколку храмови посветени на Озирис и Изида, божицата која му била сопруга и сестра.

Иако сѐ уште не е ископана мумијата на легендарната египетска кралица, овековечена во безброј филмови и документарни филмови, Мартинес неодамна дојде до многу интересно откритие – мумија со златен јазик.

Мумијата е пронајдена во едно од 16-те гробни места во локалитетот. Претходно, во оваа област беа пронајдени остатоци од паричка на која е претставена Клеопатра VII, што укажува на тоа дека храмовите биле во употреба за време на владеењето на кралицата, соопшти египетското Министерство за туризам и антиквитети на 29 јануари.

Мумија со златен јазик
Експертите веруваат дека свештениците ѝ ставале златен јазик на мумијата за да се осигураат дека во задгробниот живот, според верувањата на древните Египќани, таа ќе може да разговара со Озирис, богот на подземниот свет.

Останатите 15 гробни места исто така датираат од пред 2.000 години и во нив се пронајдени артефакти од исклучителна вредност. На пример, археолозите пронашле една мумија на женско лице кое носи посмртна маска што го покрива поголемиот дел од нејзиното тело. На посмртната маска е претставена починатата личност со насмевка на лицето.

Остатоци од свитоци биле пронајдени во две мумии, додека едната имала златни украси на кои е претставен Озирис, пишува Live Science.

Статуи без насмевки на лицата
Мартинес и нејзините колеги пронашле и неколку статуи на луѓе закопани на ова место. Статуите ги прикажуваат мртвите со сериозен лик, без насмевка на нивните лица.

Иако археолозите не се сигурни кога точно починале овие лица, тие претпоставуваат дека овие луѓе живееле во времето кога со Египет управувале или Птоломеите (304 п.н.е. до 30 п.н.е.), потомци на Александар Велики, или Римската империја што владеела со Египет по смртта на Клеопатра.