Нелегалните корона журки се тренд во целиот регион.

За време на викендот, полицијата и инспекциските служби на кантонот Сараево, како дел од засилената контрола на работата на угостителските објекти, во рамките на пропишаните епидемиолошките мерки, откриле 238 лица во објектот Бистра вода во областа на Вогошќа.

Инспекторите го казниле сопственикот на објектот во вкупен износ од 5.800 конвертибилни марки (2.900 евра) и го затвориле објектот поради утврдени неправилности.

Во локалот Градска кафена на Стариот саем во Белград, комуналната милиција ја растури забавата на која присуствуваа повеќе од 400 луѓе.

Повеќе од 400 луѓе беа во барот од 200 квадратни метри, со музика во живо, иако според пропишаните мерки на Кризниот штаб, музиката е дозволена до 17 часот. Комуналната милиција, со помош на единицата за интервенција и полициската станица Нов Белград, го испразни локалот, изјави Иван Дивац, началникот на комуналната милиција.

Пејачот Слободан Радановиќ беше приведен од комуналната милиција, со помош на полицијата, бидејќи пееше на таа корона журка во таверната на Стариот саем во Белград. Пејачот беше ослободен од притвор.

Припадници на Министерството за внатрешни работи во Белград, во соработка со Комуналната милиција, уапсија три лица поради постоење основи на сомнение дека сториле кривично дело непочитување на здравствените прописи за време на епидемијата.

Постои сомневање дека тие како одговорни лица учествувале во организација на собир од околу 1.000 лица во угостителски објект во општина Палилула и со тоа ги прекршиле пропишаните епидемиолошки мерки.
VOCENTAR.COM