Вицепремирот за економски прашања Фатмир Битиќи одговори на барањата на угостителите кои веќе преку протести бараат протоколи за организирање на свадби и веселби, како и отворање на ноќните клубови и дискотеките. Тој кажа дека Владата не се согласува со ваквите барања на угостителите.

Битиќи нагласи дека Владата ќе ја почитува одлуката на Комисијата за заразни болести во врска со заштитата до болеста и мерките остануваат на сила.

„Јас сум отворен за средби, но немам доблест и храброст да одам против препораките на Комисијата за заразни болести.

Кога Комисијата кажува дека не е дојдено време да се направат олеснителни околности за работа, тогаш треба да ги слушаме и да им веруваме дека тоа е најдобро за здравјето на граѓаните“, рече Битиќи одговарајќи на новинарско прашање на прес-конференцијата во Владата за промоција на нов портал на Националната инфраструктура за просторни податоци.

Угостителите денеска повторно ќе протестираат. Протестот е најавен за 15 часот пред Владата.