Отворено кршење на Договорот за добрососедство е споделувањето на мапа со санстефанска Бугарија од страна на бугарскиот вицепремиер Красимир Каракачанов, велат од кабинетот на претседателот Стево Пендаровски.




Постапки кои се во спротивност на основните принципи и вредности на НАТО Алијансата во која и двете држави се рамноправни членки- ова е дел од реакцијата од Кабинетот на претседателот Стево Пендаровски откако бугарскиот вицепремиер и министер за одбрана Красимир Каракачанов на својот официјален Фејсбук профил, денот на жената 8 март го честиташе со мапа на санстефанска Бугарија, во која влегува и територијата на денешна Македонија.




„Претседателот Пендаровски, во однос на ваквите изјави кои доаѓаат од Софија секогаш укажувал дека претставуваат отворено кршење на Договорот за добрососедство и ја поткопуваат довербата меѓу двете земји и народи“, наведуваат од Кабинетот на претседателот за Радио Слободна Европа.




Конкретно мапата на санстефанска Бугарија која ја сподели Каракачанов ја опфаќа целата територија на Македонија, дел од северна Грција, југоисточна Србија и дел од Албанија. На својот официјален профил на социјалната мрежа Фејсбук тој на споделената карта на која го има логото на неговата партија ВМРО БНД пишува- “традиција, семејство, вредности, Бугарија над се“.




Во Договорот за пријателство, добрососедство и соработка меѓу Република Македонија и Република Бугарија потпишан од премиерите Зоран Заев и Бојко Борисов во 2017 година, во членот 11 став 3 се наведува „двете Договорни страни немаат и нема да пројавуваат територијални претензии една спрема друга.“
Извор: Радио Слободна Европа
