Брајан Вилсон од Шефилд ја започна својата кариера како возач на камион во далечната 1953 година. Седумдесет години подоцна, 90-годишниот Брајан, за кој се верува дека е најстариот возач на камион во светот, сѐ уште се буди во 4 часот наутро секое утро и работи 12-часовна смена како возач на камион за испорака. Вози до различни локации низ Англија. 

Секоја година мора да оди на преглед за да докаже дека е безбеден зад воланот, а така беше и овој пат, пишува Дејли Мејл. Брајан го помина својот годишен медицински преглед што значи дека може да ја работи работата што ја сака барем уште една година. По прегледот, тој рече дека му е мило што не мора да престане да вози.

„Ако се чувствувам доволно фит, ќе продолжам иако сум стар. Морам да одам медицински прегледи секоја година и мило ми е што поминав“, рече тој.

Пред да започне со работа за Есо во 1953 година, Вилсон возел оклопни камиони за време на неговата воена служба во 1950 година, кога бил стациониран во Германија. Откако се вратил дома и работел во компанија за гас, тој почнал да работи во камионската компанија на неговиот татко, Е. Вилсон и синови. 

Тој на крајот го презеде бизнисот по смртта на неговиот татко во 1970-тите и оттогаш го води. Со текот на годините, тој вели дека поминал милиони километри, но сега се држи до кратки патувања, како што вели, од околу 250 километри. 

„Се зависи од тоа колку сум зафатен, а јас бев зафатен оваа недела. Работам секој ден и веројатно ќе работам повеќе од 40 часа оваа недела. Утре ќе работам околу 12 часа бидејќи ќе бидам заминувам за Бирмингем околу 5 часот наутро, а потоа ќе биде 17 часот кога ќе се вратам, но веќе сум навикнат на тоа“, рече тој.

Иако сака да го вози камионот, размислува да се пензионира следната година. Тој сака да оди на Тајланд со сопругата Мејвис (89). Инаку, Вилсон во 70-те години што ги вози никогаш немал сообраќајна несреќа.