Во државата, секој месец има одреден број работодавци што не им исплаќаат плати на своите вработени. Поради тоа, директорката на Управата за јавни приходи, Сања Лукаревска, неодамна најави дека во иднина ќе се стави одредба во Законот за даночна постапка со која ќе може да се објават јавно оние компании што не им исплаќаат плати на своите вработени. Според последните податоци од Управата за јавни приходи во ноември, плата не примиле 20.601 вработен кај 9.975 работодавци. Овие работници, пред сè во микрокомпаниите, за жал, останаа без пари за Нова година

Голем дел од газдите во Македонија сè уште не им исплаќаат редовно плати на своите вработени. И покрај тоа што едвај преживуваат работниците со малите плати, а на оние што сè уште не ги зеле однапред им се потрошени, газдите никако не може да го сфатат тоа и си поигруваат со нивното трпение. Според последните податоци од Управата за јавни приходи во ноември, плата не примиле 20.601 вработен кај 9.975 работодавци. Овие работници, пред сè во микрокомпаниите, за жал, останаа без пари за Нова година.

Поради тоа што секој месец има одреден број работодавци што не им исплаќаат плати на своите вработени, директорката на УЈП, Сања Лукаревска, неодамна најави дека во иднина ќе се стави одредба во Законот за даночна постапка со која ќе може да се објават јавно оние компании што не им исплаќаат плати на своите вработени.

– Измените во Законот за даночна постапка се во фаза на доработка и ние сакаме да се стави одредба со која ќе можеме јавно да ги објавиме компаниите што не им исплаќаат плата на своите вработени – изјави Лукаревска.

Според состојбата за последните уплати на 29 декември 2023 година, обработени на втори јануари 2024 година, има поднесени, прифатени и платени конечни пресметки за 60.400 работодавци што се однесуваат на 535.636 вработени лица; има прифатени и неплатени пресметки за 4.441 работодавец, односно 10.921 вработено лице, а има неподнесени и неприфатени пресметки за 5.534 работодавци, кои се однесуваат на 9.680 вработени лица.

Анализата на Управата за јавни приходи покажува дека 700 компании воопшто не исплатиле ниту денар плата од почетокот на годинава и нивните сметки се блокирани, а сè уште има фирми што исплаќаат плати по 5 или 10 денари.

Според анализата на УЈП, која беше објавена во ноември, вкупно 2.730 газди на фирми ги платиле даноците и придонесите и не им исплатиле плата на своите 8.600 работници. Вкупно 5.455 компании во кои работат дополнителни 8.500 работници воопшто не поднеле пресметки до УЈП, а со тоа не ги платиле ни давачките кон државата.

– Од анализата што ја извршивме за деветте месеци од 2023 година, вкупно 5.428 работодавци доцнеле со реализацијата на обврските по основ на МПИН-пресметките што треба да ги достават до УЈП, односно во делот на придонесите. Од нив, 1.912 имаат доцнење од повеќе од еден месец. Додека 700 даночни обврзници доцнат со реализацијата од самиот почеток на годината и кај сите тие се преземени соодветни мерки во делот на присилната наплата – изјави директорката на УЈП.

Најголемиот број компании што не исплаќале плати биле од Скопскиот Регион, а 1.500 фирми кај кои имало проблем со уплатата на придонесите и данокот, имаат само по еден вработен. Но, има и такви што имаат голем број работници, како компанија од дејноста чистење згради и објекти, потоа компанија за приватна заштита, универзитет, јавно претпријатие….

Поради неплатени социјални придонеси и персонален данок на плата, УЈП врши блокирање на жиро-сметките и присилна наплата.

За сите компании што нема да исплатат плата до законски предвидениот рок до 15. од тековниот месец за претходниот месец или ќе исплатат плата под минималната, УЈП испраќа допис до Државниот инспекторат за труд, кој поведува постапка.