Силно невреме проследено со силен ветер, грмотевици и град на некои места вечерва (23 јуни) го зафати регионот на Скопје.
Од Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР) информираат дека поголема нестабилност го зафатила западниот дел на Скопје од каде невремето слабо се движи кон север и североисток.
Невремето предизвика и прекин во напојувањето со електрична енергија во Собранието поради што кратко беше прекината и седницата за избор на новата влада.
„Од невремето кое вечерва го зафати Скопје во оперативниот центар на ЦУК стигнаа околу 70 пријави од 112 кои претежно се за паднати дрва во општините Аеродром, Гази Баба и Центар. Има и пријави за поплавени подруми и улици во Бутел и Ѓорче Петров. Сите пријави се пренесени на надлежни институции“, велат од Центарот за управување со кризи (ЦУК)
Во населбата Автокоманда паднал и дел од ограда од железничкиот мост. Оградата паднала врз две возила во движење, но во ЦУК досега немаат информации за повредени лица.
Претходно, и тетовскиот регион беше зафатен од пороен дожд, грмежи, засилен ветер и повремено појава на град.
Од ЦУК информираа дека големото количество поројни води предизвикало поплавување на дворови и подруми на повеќе од педесетина куќи и објекти во пониските делови на градот.
Од противпожарната бригада во Тетово бараа да се исклучи и струјата го градот поради ризик од струен удар. Како што соопштија од ЦУК, од ЕВН ги информирале дека ќе ја исклучуваат струјата улица по улица и населба по населба.
