Еден од најпочитуваните празници во црковниот календар е означен како Голема Богородица или Успение на Пресвета Богородица. Овој празник традиционално се празнува на 28 август, а со него се одбележува моментот на смртта на Богородица.

Тоа е ден кога мајката на Исус Христос се вознела на небото и „го предала својот дух во рацете на Спасителот“.

Празник што жените особено го празнуваат

Богородица, како светителка, мајка и жена, се смета за голема заштитничка на жените и единствената што ја разбира женската душа. Во народното верување постои мислење дека Голема Богородица ги разбира женската мисла, болка и страдање, па токму затоа има разбирање и за сите гревови и се труди да измоли прошка за нив.

Периодот меѓу Голема и Мала Богородица се смета за најдобар за берење лековити билки со кои се лекуваат различни болести.

Низ цела Србија се одржуваат вашари и народни собири. Еден од оние со најдолга традиција е во Белград, кај женскиот манастир во Раковица.

Голем број цркви и манастири на Српската православна црква го празнуваат овој ден како своја слава.

Обичаи на Голема Богородица

На овој голем ден завршува Богородичкиот пост, а жените во јадењата ќе стават босилек, бидејќи се верува дека токму оваа билка носи благослов и штити од зло.

Одењето во црква е задолжително, исто како и палењето свеќа и молитвата за здравје и заштита. Во црквите има осветена водичка која верниците ја земаат и со неа се умиваат.

Што се случило со Богородица по смртта?

Во Светото писмо нема податоци за крајот на земниот живот на Богородица. Според преданието и списи што немаат свет карактер, се смета дека мајката Божја до крајот на животот, по смртта и воскресението на Христос, живеела во Ерусалим, опкружена со вниманието на апостолите и првата христијанска заедница.

На иконите, овој празник најчесто се претставува така што е насликана постела на која лежи Богородица со прекрстени раце на градите. Од двете страни на одарот се наоѓаат свеќници со запалени свеќи. Кај нозете на Богородица свети Петар кади со кадилница, кај главата се свети апостол Павле и свети апостол Јован, а останатите апостоли стојат околу. Присутни се и големите христијански писатели свети Дионисиј Ареопагит, Иеротеј и Тимотеј кои држат Евангелие; тука се и жени што плачат. Над Богородица е Христос кој ја држи нејзината душа во вид на дете, а околу Него се светлина и ангели.

На Голема Богородица одвојте малку време за молитва, бидејќи тоа е единственото време што директно ѝ го посветуваме на нашата душа.