Ако состојбата со коронавирусот продолжи да се влошува, Комисијата за заштита од заразни болести и министерството за здравство во понеделник ќе и предложат нови мерки на Владата. Да се преполови капациетот на јавниот превоз, да се забранат секаков вид на настани, а сите кафулиња, ресторани, маркети и продавниците да работат до 23 часот.
„Овој пакет на мерки заедно со овој следен што треба да помине во Собрание мислам дека сериозно ќе го забави и ќе ја редуцира можноста за трансмисија на вирусот.“ изјави Венко Филипче, министер за здравство.
Забавите, концертите, семејните прослави и свадбите на кои не се почтуваат мерките за заштита се главна причина за ширење на вирусот, велат од Комисијата за заштита од заразни болести. Очекуваат состојбата да продолжи да се влошува со оглед на тоа што мерките и натаму не се почитуваат.
Засега не се размислува да се воведе повторно карантин ниту пак да се прогласи вонредна состојба, но не се исклучува и таа можност во иднина.
„Ние во моментов не размислуваме но ако не спочитува што ни останува понатака?“ – изјави д-р Жарко Караџовски – Претседател на Комисија за заштита од заразни болести.
Претходната недела Комисијата предложи задолжително носење на маски на отворено и забрана за групирање на повеќе од 4 лица после 22 часот но и забрана за прием на повеќе од 4 гости во домовите. Владата ги прифати овие мерки, но требаше да се напарават законски измени за да стапат на сила. Министерот вели дека законот е веќе во Собранието и очекува да се изгласа следната недела, по што ќе можат инспекциските служби да казнуваат за непочитување.
Дополнителните нови мерки доаѓаат откако земјава со денови наназад бележи рекордни бројки на новозаразени. Само вчера беа регистрирани над 500 потврдени случаи на коронавирусот, што е рекорден број од почетокот на епидемијата во земјава до сега.
