Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, денеска ги претстави новите правила за постапување со возила со странски регистарски таблички кои ќе направат сообраќаен прекршок во Македонија. Со потврдата дека странските возила од сега ќе бидат целосно опфатени од системот „Безбеден град“, тој истакна дека моделот е јасно дефиниран и правно усогласен.

Иако возилата со странски таблички нема да бидат задржувани при излез од земјата – бидејќи тоа е строго регулирано со закон – казните сепак нема да можат да се избегнат. Возачите ќе добиваат официјално известување дека нема да им биде дозволен повторен влез во Македонија доколку претходно не ја подмират санкцијата за направениот прекршок.

„Работна група составена од експерти го разгледа прашањето и верувам дека понудивме соодветно решение,“ изјави министерот Тошковски, најавувајќи дека новиот модел треба да обезбеди праведност и ефикасност во сообраќајниот надзор.