Новата песна на Џими Роџерс – „Како ти, како јас“ – донесе топлина во овој есенски период и веднаш ги освои слушателите. Нашинецот кој живее и работи во Австрија продолжува да создава музика на македонски јазик и полека го финализира својот претстоен албум.

По успешните „Како во приказна“ и „Под ѕвездите“, песни што добија исклучително позитивни реакции кај публиката, Роџерс ја претставува својата нова балада – „Како ти, како јас“. Автор на музиката и текстот е самиот тој, а во продукцијата учествуваше интернационален тим музичари. Во песната се појавува и препознатливиот пропратен вокал на Андријана Јаневска.

Уметникот открива дека 2025 година му донела голем креативен подем.
„Фокусиран сум на новиот македонски албум. Имам многу обврски и тука, но успевам да се организирам – желбата да создавам музика секогаш ми дава сила“, вели Владо Поповски – Џими Роџерс.

По успешните промоции во Скопје и Битола, тој открива што се надева дека публиката ќе понесе од неговата музика:

„Сакам да оставам трага зад себе – добри ноти, искрен текст, македонска емоција. Во моите песни има и носталгија и блуз, и желба нашиот звук да допре што подалеку. Да го слушнат и во Македонија, и во Европа, и ширум светот… под ѕвездите, како што пеам.“

Во продолжение можете да ја слушнете неговата најнова песна „Како ти, како јас“.
Видео: