Македонија, според бројот на бегства на осуденици, е европски шампион. Без медали, без фанфари – но со сигурно прво место. По бројот на лица по кои се распишани потерници, веројатно исто така сме во самиот врв. Ако државата беше инфлуенсер на ТикТок, нејзиниот никнејм без двоумење ќе беше – Абсурдистан.

Последниот случај само ја потврдува дијагнозата. На судија му се прави претрес во домот, при што се пронаоѓа сума пари што личи на годишен буџет на здравствен дом од внатрешноста – уредно заѕидан кај родителите. По претресот, судијата мистериозно исчезнува. Никој „не знае“ каде е, а сè повеќе личи дека е во бегство.

Во меѓувреме, институциите демонстрираат завидна креативност во избегнување одговорност. Судскиот совет, наместо итна реакција, чека некој друг да поднесе барање за одземање имунитет. Очигледно, системот не функционира ако некој формално не „чукне на врата“, дури и кога куќата веќе гори.

Најироничното допрва следува. Не би било изненадување ако за неколку дена дознаеме дека осомничениот ја поминал границата најрегуларно – со пасош, печат и насмевка – и сега е безбедно сместен во некоја „пријателска“ соседна земја од ЕУ. Таму, секако, ќе се повикува на политички или национален прогон, додека македонските институции ќе слегнат со раменици.

Монти Пајтон, во своите најдобри години, не би можеле да осмислат вакви скечеви. Кај нас, тие не се хумор – тие се секојдневие. И најтрагичното во сè ова е што одамна престанавме да се смееме. Сега само рамнодушно броиме уште еден апсурд, уште еден бегалец, уште еден доказ дека системот не е нефункционален – туку совршено функционален за тие што треба да избегаат.