За време на говорот што го одржа во Давос, на Светскиот економски форум, францускиот претседател Емануел Макрон привлече внимание не само со своите политички пораки, туку и со необичниот изглед – тој целиот настап го одржа носејќи очила за сонце, иако беше во затворен простор. Истото го направи и нешто порано, на еден состанок во Франција.

Додека говореше пред светските лидери во Давос, Макрон остро ги осуди заканите на поранешниот американски претседател Доналд Трамп за воведување високи царини за осум европски земји кои се спротивставуваат на неговиот предлог за преземање на Гренланд.

Но, покрај содржината на говорот, јавноста особено го забележа фактот дека францускиот претседател носеше впечатливи, сини, рефлектирачки пилотски очила за сонце – и тоа за време на сериозен говор во затворена сала.

Иако Макрон не го објасни директно изборот на овој моден додаток, француските медиуми наведуваат дека причината е поврзана со неговата здравствена состојба.

Минатата недела, Макрон се појави на воен настан на југот на Франција со видно црвенило на едното око, а во еден момент стави слични очила за сонце. Обраќајќи им се на војниците, тој го минимизираше значењето на состојбата, велејќи дека е „целосно бенигна“ и „безначајна“.

– Ве молам, извинете ми за непријатниот изглед на окото – изјави тогаш Макрон.

Тој дури и се пошегува на сопствена сметка, нарекувајќи ја состојбата l’oeil du tigre или „тигрово око“, алудирајќи на познатата песна на рок-групата Survivor од филмот „Роки III“ (1982).

– За оние што ја разбираат референцата, тоа е знак на решителност – додаде Макрон.

Што му се случи на окото на Макрон?

Според француските медиуми, Макрон најверојатно имал субконјунктивално крварење, односно пукање на мал крвен сад во окото. Станува збор за безопасна и безболна состојба која не влијае врз видот и не остава трајни последици, а најчесто исчезнува во рок од две недели.

Оваа појава може да се јави по силно кивање или кашлање, како и при триење или боцкање на окото. Лицата со дијабетес или висок крвен притисок имаат зголемен ризик од ваква појава, пренесува Би-Би-Си.

Иако очилата за сонце не се неопходни за заштита на видот, луѓето со вакво крварење понекогаш ги носат за да избегнат дополнително внимание.

– Макрон се одлучи за овој стил од естетски причини, бидејќи е јавна личност – изјави за францускиот радиодифузер RTL лекарот и медиумски коментатор Џими Мохамед.

– Некои можеби би помислиле дека е сериозно болен, па за да избегне фотографии во таква состојба, одлучил да носи очила за сонце. Тие го штитат неговиот имиџ, но не и окото – нагласи д-р Мохамед.

Одлуката на Макрон предизвика бројни реакции на социјалните мрежи. Дел од корисниците го нарекоа kéké – француски сленг за фалбаџија, додека други се пошегуваа дека личи на „киборг“ или дека го имитира холивудскиот актер Том Круз во филмот „Топ ган“, кој токму во осумдесеттите години го популаризираше овој модел очила.

Во говорот што го одржа носејќи очила за сонце, Макрон предупреди на опасниот помак кон автократија и „свет без правила, во кој меѓународното право се гази, а империјалните амбиции повторно излегуваат на површина“. Според него, ваквите тенденции се особено изразени кога царините се користат како алатка за притисок врз територијалниот суверенитет.

Во исто време, Трамп се закани и со воведување царини од 200 проценти за увоз на француско вино и шампањ во САД, поради одбивањето на Франција да се приклучи на неговиот „Комитет за мир“ за Газа.