Албанскиот премиер Еди Рама ја нагости Иванка Трамп, ќерката на американскиот претседател Доналд Трамп, во Валона, во рамки на интензивните активности поврзани со еден од најголемите странски инвестициони проекти во Албанија.

Станува збор за изградба на луксузен туристички ресорт вреден 1,4 милијарди долари, кој ќе се гради на островот Сазан, мал ненаселен остров во Јадранското Море, во непосредна близина на Валона.

Проектот е поднесен од компанијата „Atlantic Incubation Partners“, која е поврзана со Џаред Кушнер, сопруг на Иванка Трамп. Барањето за инвестицијата било доставено во декември 2023 година, а минатата година проектот официјално бил одобрен од Комитетот за стратешки инвестиции, со кој претседава токму премиерот Рама.

Ресортот ќе се простира на површина од 45 хектари и ќе се развива во соработка со албанската влада, која инвестицијата ја прогласи за стратешка, со цел позиционирање на Албанија како елитна туристичка и инвестициска дестинација.

Според „Јуроњуз Албанија“, работната вечера меѓу Рама и Иванка Трамп се одржала во Валона, а на средбата присуствувале и членови на нејзиниот тим, како и реномирани архитекти и експерти од повеќе земји.

Островот Сазан во минатото бил строго чуван воен пункт и советска база за подморници, а денес има статус на зона забранета за цивили. Со овој проект, островот треба да добие целосно нова намена и да стане симбол на трансформацијата и економскиот развој на Албанија.

Албанските власти истакнуваат дека ваквите проекти испраќаат јасна порака до светот дека земјата е отворена за големи странски инвестиции и подготвена за партнерства со глобални играчи.