Иако многу патници, поради лошите искуства со системот EES, со резерва и загриженост го очекуваат воведувањето на ETIAS, чија примена се најавува за крајот на 2026 година, поднесувањето барање за оваа електронска дозвола ќе биде задолжително за сите македонски граѓани кои планираат патување во земјите од Шенген-зоната без виза.

ETIAS е онлајн систем со кој однапред се проверуваат патници од земји на кои не им е потребна виза како  Македонија, пред нивното пристигнување во Шенген-зоната – и се наплатува.

Цената на дозволата ќе изнесува 20 евра по лице. Иако сумата не изгледа висока, станува збор за голема промена за граѓаните кои со години патуваа во ЕУ без виза, без трошоци и без дополнителни процедури.


Улогата на EES системот на границите

Системот за влез/излез (EES), со кој управува Европската комисија, ќе има клучна улога во евидентирањето на движењето на патниците преку надворешните граници на ЕУ.

Тоа значи дека и по воведувањето на ETIAS, влегувањето во ЕУ ќе се регистрира преку EES, при секое преминување на граница – со автоматска евиденција на датумот на влез и излез.


Колку се плаќа ETIAS и кој е ослободен од такса

Поднесувањето барање за ETIAS ќе чини 20 евра, а плаќањето ќе се врши исклучиво електронски, преку официјалната ETIAS интернет-страница или мобилна апликација.

Плаќањето ќе биде можно со валидна платежна картичка, а податоците од картичката не се зачувуваат по завршувањето на трансакцијата.

⚠️ Важно:
Таксата не се враќа, дури и ако барањето биде одбиено. Секоја нова апликација значи ново плаќање.

Од плаќање се ослободени:

  • лица помлади од 18 години

  • лица постари од 70 години

  • членови на семејство на државјани на ЕУ

  • членови на семејство на државјани од трети земји кои имаат право на слободно движење во ЕУ

За сите други – плаќањето е задолжително.


Основни услови за одобрување ETIAS

Македонските граѓани мора да ги исполнуваат следните услови:

  • да имаат важечки биометриски пасош

  • патувањето да е туристичко, деловно, медицинско или транзитно

  • престојот да не надминува 90 дена во период од 180 дена

  • да немаат евиденција за тешки кривични дела или сериозни прекршувања на имиграциските правила на ЕУ


Документи и информации потребни за апликација

Апликацијата се пополнува целосно онлајн. Потребно е:

  • важечки пасош (најмалку 3 месеци по планираното патување)

  • активна е-пошта (одобрението пристигнува електронски)

  • кредитна или дебитна картичка

Ќе одговарате и на безбедносни прашања поврзани со:

  • претходни патувања

  • здравствени состојби релевантни за јавното здравје

  • евентуална кривична историја

❗ Неточни или нецелосни податоци може да доведат до одбивање или доцнење.


Како се поднесува барање за ETIAS – чекор по чекор

Чекор 1: Посета на официјалниот ETIAS сајт
Апликацијата се поднесува исклучиво онлајн. Внимавајте на лажни страници кои наплатуваат дополнителни трошоци.

Чекор 2: Пополнување на формуларот

  • лични податоци

  • податоци од пасош

  • контакт информации

  • прва точка на влез во Шенген

  • безбедносни прашања

Процесот трае околу 10 минути.

Чекор 3: Плаќање на таксата
Повеќето апликанти плаќаат 20 евра со платежна картичка.

Чекор 4: Обработка
Во повеќето случаи – неколку минути, но може да трае и до 30 дена.

Чекор 5: Користење на дозволата
ETIAS е електронски поврзан со пасошот – не се печати.


Колку долго важи ETIAS

ETIAS важи:

  • 3 години, или

  • до истекот на пасошот (што и да се случи прво)

Ако извадите нов пасош – мора повторно да аплицирате и повторно да платите.


Важно да се знае

  • ETIAS не гарантира автоматски влез – конечната одлука ја носи граничната полиција

  • без важечки пасош, ETIAS не важи

  • без ETIAS – нема влез во Шенген-зоната