Свети Теодосиј е роден во областа Кападокија, во селото Могариаси. Како млад човек го посетил Свети Симеон Столпник, кој го благословил и му прорекол голема духовна слава.

Со кадилница, во која ставил студен темјан, Теодосиј барал место каде што би се населил и би основал манастир. Се запрел токму таму каде што жарта сама од себе се разгорела. На тоа место се населил и ја започнал изградбата на манастирот.

Набрзо околу него се собрале многу монаси од различни народи и јазици. Поради тоа, Свети Теодосиј изградил по една црква за секој јазик, па така истовремено се служела и се воспевала славата Божја на грчки, ерменски, грузиски и други јазици. Но, на денот на причестувањето, целото братство се собирало во големата црква, каде што богослужбата се извршувала на грчки јазик.

Трпезата била заедничка за сите, заедничка била и целата имотна состојба, заеднички трудот, заедничко трпението, а не ретко и – гладувањето.

Свети Теодосиј бил возвишен пример за сите монаси – пример во трудот, молитвата, постот, бдеењето и во сите христијански добродетели. Бог го дарувал со дар на чудотворство: исцелувал болни, им се јавувал на далечина и им помагал, ги укротувал ѕверовите, ја предвидувал иднината и умножувал леб и пченица. Молитвата никогаш не му била далеку од усните – ни дење, ни ноќе.

Се упокоил мирно во Господа на 105-годишна возраст, во 529 година.